Тешко освоен бод за Македонија

Македонската ракометна селекција имаше последен напад за победа, но со многу проблеми во играта во која се издвои единствено Кире Лазаров, го заврши вториот меч од Европското ракометно првенство против Чешка кој заврши 24:24.

Со одбрана на Борко Ристовски од седум метри и гол на Кире Лазаров од контра напад нашите ракометари го започнаа важниот натпревар против Чешка. Нашиот капитен ја продолжи голгетерската низа со два успешни седмерци за 3:1.

Одличниот почеток на Македонија траеше во првите 12 минути во кои на два пати имавме водство од 3 гола разлика. Следуваа седум кризни минути во играта на нашите ракометари без постигнат гол во кои Чесите направија серија од 4:0 за водство од 7:6.

Избраниците на Ивица Обрван делуваа безидејни во нападот, а одговорноста најмногу одеше кај Лазаров кој не го реализираше третиот пенал. Проблем плус претставуваше и одличната серија на чешкиот голман кој ни скроти 10 удари во првиот дел.

Чешка правеше повеќе грешки во нападот, а Манасков и Георгиевски не реализираа два зицери. По негативата од два гола разлика нашите ракометари го израмнија резултатот, но погрешија во последниот напад кој од контра напад го искористија чешките ракометари и на паузата имаа 11:10.

Второто полувреме стартуваше идентично како во првиот дел со реализиран седмерец на Лазаров, но нападот на Македонија не функционираше, па мечот целосно во свои раце го презеде нашиот лидер кои ги постигна сите први шест погодоци на почетокот од вторите 30 минути од кои четири од пенал.

Во 42 минута конечно до погодок стигна и некој друг ракометар, а тоа беше Дејан Манасков за водство од 17:14. Слабата идеја во нападот продолжи, а тоа Чешка го искористи и го израмни резултат преку серија од 3:0.

Димовски и Муркуловски ја вратија предноста од два гола разлика, но Чешка повторно се врати резултатски и на 8 минути до крајот беше 20:20. Во следните минути се играше гол за гол, а на три минути од крајот при резултат 23:23 Лазаров го промаши вториот седмерец..

Во пеколниот финиш реализираше Пецаковски, но возвратија и Чесите. Македонија го имаше последниот напад за победа, но лошо организираната и прошуштена акција која ја направија нашите ракометари беше огледало на слабата игра која ја имавме во текот на целиот меч.

Нашиот капитен беше најдобар поединец на мечот со 12 постигнати голови, од кои шест од пенал, но ја немаше поддршката во играта од сите останати ракометари кои одиграа под нивото.

Македонија остана во игра за пласман во следниот круг, а последниот меч од групната фаза против Австрија го играме в четврток во 18:15 часот. 

14 јануари 2014 - 19:57