Следните предизвици на Кире и другарите

Македонската ракометна репрезентација ја оствари најдобрата позиција на досегашните четири учества на Мундијалите. Деветтото место делуваше разочарувачки за нашите ракометари во Катар, но тоа има реални шанси да им ги исполни соништата.

Новиот светски ракометен шампион ќе биде првиот противник на Македонија по завршувањето на планетарниот ракометен собир во Катар. Привилегијата да го гледаме петкратниот светски првак во живо ќе ја имаме на 29 или 30 април, а реваншот на гости е закажан за 2 или 3 мај.

Нашите ракометари се дел од шестата квалификациска група за ЕП Полска 2016 заедно со Франција, Чешка и Швајцарија. По две завршени кола Французите се први со 4 бодови, тимот на Ивица Обрван е втор со 3, откако славеше на домашен терен против Швајцарија и ремизираше на гости во Чешка. На трето место се Чесите со еден бод, а последна е Швајцарија.

Првопласираните две екипи од секоја група ќе бидат дел од 12-то Европско ракометно првенство кое ќе се стартува идниот 17 јануари.

Таму освен за Македонија, ќе треба да навиваме шампиони да станат Франција, Полска, Шпанија, Данска, Хрватска, Германија или Словенија. Тоа се всушност селекциите кои завршија од првото до осмото место на СП Катар.

Претходно во октомври годинава ќе очекуваме Катарците да станат шампиони на Азија. Ако се остварат овие две наши реални желби, македонската ракометна репрезентација нема повеќе да се кае што не успеа да се пласира на осминафинале во Катар, кое им беше цел, бидејќи како деветто пласирана ќе игра на квалификацискиот турнир за Рио 2016.

Директниот пласман на следните Олимписки игри е обезбеден за Бразил како домаќин, Франција како светски шампион, како и за прваците на Европа, Африка, САД и Азија. Останатите шест места ќе бидат познати на квалификациите во април наредната година.

Олимпијадата во Рио се игра од 6 до 21 август 2016 година, а евентуалното учество би било прво за нашите ракометари кои претходно ќе се надеваат на квалификации. Оваа генерација на ракометари, која се надеваме дека наскоро ќе биде и подмладена, петтото учество на Мундијалите ќе има можност да го игра во Франција во јануари 2017 година.