Слави Македонијо, Вардар е европски шампион!

Ракометарите на Вардар по втор пат се на тронот на Европа. Јуначки после чудото над Барселона, во финалето вечерва го совладаа и унгарски Веспрем 27:24 (16:11) и заслужено станаа кралеви на континентот.

Црвено-црните од почеток па до крај имаа целосна контрола над мечот. Со фанатична борбеност во одбраната и неверојатен напад, Вардар го носи пехарот во Македонија.

Од минута во минута, избраниците на шпанскиот доктор Парондо ја зголемуваа разликата.

Бразилецот Мораеш, Чупиќ и Криштопанс беа незапирливи за голманот на Веспрем и веќе после 15 минути игра Вардар водеше 8-5, а во 26' минута на семафорот стоеше огромни 16-10 за скопскиот состав.

На полувремето Вардар имаше 5 гола предност, позитива која што ги доближи до златниот трофеј.

Унгарскиот првак, на почетокот на вториот дел ја консолидираа одбраната и се приближија резултатски, пред се благодарение на Арпад Штербик кој нанижа 4-5 луди одбрани. Драмата растеше кога Веспрем, предводен од Петар Ненадиќ и Французинот Мае се вратија на 21-20.

Тогаш на сцена стапи вардаровото јуначко срце кое ги одби сите напади на Унгарците, а на другата страна високиот Криштопанс решеташе. На крајот, Мораеш со 6 гола од 6 обиди беше прв стрелец на мечот. Чупиќ постигна пет, а горостасниот Криштопанс кој играше неверојатно и во одбраната, натпреварот го заврши со четири гола.

Голманот Милосављев запиша седум одбрани.

Вардар по вторпат во клупската историја ја освојува Лигата на шампиони, подвиг кој е уште поневеројатен ако се знаат сериозните финансиски проблеми во клубот.

2 јуни 2019 - 19:56