Што правеа ракометарите на Металург 43 часа во автобус?

Ова не е вест од 1960-та, туку 2020-та или поточно Ковид невреме во кое ниту за спортски натпревар од европски карактер, не може да се патува нормално на гостување. На Металурзите им се случи патешествие како на апсолвентска.

Клубот од Автокоманда кој под водство на Лино Червар беше хит во Европа и стигна до топ 8 во ЛШ, сезонава игра во Лига Европа. Вечерва со почеток од 20:45 играат на гости против Адемар Леон од Шпанија, а за патувањето како да ви кажеме.

Металурзите имаа проблем со авио конекциите и бидејќи не најдоа адекватна линија се решија за јуначки подвиг, а тоа е автобуски превоз долг 3.000 во километри и 43 во часови.

Тргнаа во неделата рано наутро, а стасаа синоќа. Она што е добро во целата приказна е што ракометарите се живи и здрави, иако веројатно најдобро им знаат нозете.

За да ја убијат досадата која е неизбежна во едно толку долго патешествие, царевите инсталирале два телевизора со плејстејшн и направиле турнир.

За нивната авантура се интересирале и во врвот на ЕХФ од каде постојано ги контактирале и се интересирале до каде се и дали им треба некаква помош.

На својот веб сајт Металург информира дека им било забавно во автобус, а ние се надеваме дека обезбедиле и фазла џоистици, знаете зошто? Па треба и да се вратат.

17 ноември 2020 - 15:36