Ракометно шоу на Вардар за одмазда на Кјелце

Македонскиот шампион приреди вистински спектакл за публиката во Јане Сандански која гледаше и уживаше како Вардар го толчи ланскиот должник од кој беше елиминиран во четвртфинале. Штербик се надмина себе си.

Ракометарите на Вардар фуриозно го почнаа мечот и во првите 7 минути поведоа со 4:1. Првите четворица стрелци Горбок, Дибиров, Душебаев и Лазаров уште на старт го најавија императивот победа со која ќе се рехабилитираат од поразот во Данска.

Иако Штербик бранеше одлично на стартот, Црвено црните не успеаа да ја задржат долго време солидната предност и во 12 минута Чупиќ и Штрлек намалија на 6:5. Се играше брз и динамичен ракомет, а Дибиров зголеми на +3, водство кое Вардарци го одржуваа десетина минути.

Публиката бараше повеќе, а тоа им го даде Даниел Шишкарев кој од контра во 24 минута зголеми на 14:10. Истиот ракометар по три минута игра влезе во уште една контра за највисоки +5 во првиот дел. Јурецки во финишот намали на +4, а Лацковиќ промаши контра три на еден за +5 на полувреме. 

Во стартот од вторите 30 минути Вардарци поново ја кренаа на нозе цела сала, бидејќи Штербик бранеше во секој напад на Пољаците, а на семафорот се впишуваа само голови на Вардар. Само до 7 минута од вториот дел избраниците на Гонзалес направија импресивна серија од 6:1 за водство од 24:15.

Кјелце врза три гола во низа, но тоа беше премалку за да направи неизвесност на мечот на кој Штербик беше како ѕид на голот. Неговите фантастични одбрани кои ги поздравуваше публиката ги награди Горбок со три гола по ред. Еуфоријата ја надополни Дибиров кој со голот во 46 минута донесе водство од +10.

Гостите беа индиспонирани, бидејќи ги загубија сите битки со херојот Арпад Штербик, а Вардар само рутински ја одржуваше високата предност. Во 56 минута таа изнесуваше највисоки +11 со првиот гол на Македа на овој натпревар, а конечниот резултат беше 34:24.

Најпрецизни кај Вардарци беа Горбок и Дибиров со по 8 голови, Арпад Штербик беше играч на натпреварот со 13 интервенции.

На 14 ноември Вардар ќе го има најголемиот испит во групната фаза, бидејќи патува кај бранителот на титулата, Барселона.

24 октомври 2015 - 19:14