Ракометен час по судење со Начевски и Николов

Франција има 25.000 судии, Германија 50.000, а Македонија само 40 судиски парови, од кои 7 меѓународни. Двајца од нив се дел од европската елита, и се неизоставен дел од најголемите ракометни битки. Слушајте ги внимателно во една релаксирана и забавна атмосфера за да сфатите колку се стручни момците.

Ѓорги Начевски и Славе Николов ги пренесуваат тазе впечатоците од Европското првенство во подкастот „Само ракомет“ и едноставно држат лекција по судење.

Македонското дуо заедно со домаќините, гледаат спорни судиски одлучи од турнирот во Германија и ги објаснуваат на лице место. Меѓу нив има и нивни.

Најмногу се задржуваат на хичкок полуфиналето меѓу Франција и Шведска за кое се крена голема медиумска фама, очигледно непотребна.

Акцентот е се разбира на проектилот на Пранди од слободен удар по истекот на 60-те минути со кој Французите се изборија за продолженија, па пласман во финале во кое ја совладаа Данска.

Начевски и Николов објаснуваат дека ниту во еден момент, никој не ја донел во прашање регуларноста на голот на Пранди, ниту па постоела реакција, туку приговорот кој им стигнал од Шведска се однесувал на тоа зошто не ја прегледале ситуацијата на ВАР.

„После натпреварот од ЕХФ не прашаа зошто не сме гледале на ВАР и тоа не по барање од Шведска, туку од една наша позната црвено бела земја што „многу не сака“. Им одговорив дека сум 100% сигурен во тоа што го досудив. Ако одиш да гледаш, тогаш подлежиш на приговор. Претседателот на Шведската ракометна федерација после мечот се поздрави, ни се извини и ни призна дека морале да поднесат приговор поради јавноста“, вели Начевски.

Тој сликовито ја објасни ситуацијата со бомбата на Пранди и вели дека постигнал гол чист како солза.

„Кога свирам, тогаш ја спушта десната нога. Во тој момент е со двете нозе на земја. Значи ногата не му е спуштена за потоа да ја дигне. Тоа е корак. Него му е во воздух која јас свирам и како свирам ја спушта. Тоа е нулта корак. Фрлањето се смета за изведено во оној момент кога топката ќе ја напушти раката на фрлачот. Еден дел од телото мора постојано да биде во постојан контакт со подот. Јас бев фокусиран на 2 метри од него. Во ниту еден момент ногата не му е одлепена или да има скок. За нас чист гол како солза, но и за другите“, објаснува Начевски

Николов пак образложува зошто не гледале ВАР.

„Тоа е замка таму. Јас не ја гледам ситуацијата на изведувачот, имам жив ѕид пред мене, гледам гол линија и тоа ме интересира. Ја гледам топката е во гол и преку хед сет му викам Џоле таму сè е исправно? Да бе брат, сè е. Он со две раце призна, не со една. Швеѓаните беа клапнати, никој не реагира, никаква реакција немаше. Ние имаме можност да гледаме ВАР, но не сме обврзани, бидејќи тоа е помошна алатка на судиите кога се во дилема дали носат правилна одлука. Ние не бевме во дилема. 

Донесовме одлука на терен и против таа одлука, Господ да се буни џабе е. Но ако не досудевме гол, туку тајм аут и се консултираме дали да го признаеме голот или да гледаме на ВАР, во таа ситуација пола час да гледаш може да не знаеш што да одлучиш. Правилото вели дека ако не носиш одлука на терен, туку со помош на технологија тогаш подлежиш на одговорност и на санкција“.

Во врска со живиот ѕид, Николов објаснува дејка тој смее да скока и да се движи на страна, но не смее да оди напред, бидејќи тоа се смета за активно блокирање на шутот за што се доделува црвен картон и пенал.

Инаку Начевски и Николов форсираат идеја која се надеваат дека ќе помине на конгрес, а тоа е сите елитни судии кои се психофизички подготвени да судат сè додека можат да ги исполнат нормите.

Во Македонија тоа веќе го усвоиле пред 3-4 години и сите одлични судии кои се спремни можат да судат до 55 години.

Анализата на спорните одлучи почнува на 36:30, а на 01:02:30 објаснуваат детално зошто голот на Пранди е регуларен.

Проектилот на Пранди од слободен удар е дефинитивно потег број 1 на ЕП

8 февруари 2024 - 15:44