Незаборавното ривалство меѓу гладијаторите Ивано Балиќ и Никола Карабатиќ

Во ек на Европско првенство, ЕХФ објави краток документарец за двете ракометни икони, репрезенти на двете ракометни нации, Хрватска и Франција. Какви само битки водеа овие двајца волци. Заедно тежат 12 златни медали.

Легендарниот Ивано Балиќ кој е дел од стручниот штаб на Хрватска беше предводник на најсилната генерација на оваа селекција која на чело со Лино Червар стана Светски и Олимписки првак и тоа една по друга година, 2003-та и 2004-та.

Нараторот на документарецот, Џексон Ричардсон кој во 95-та беше прогласен за најдобар ракометар во светот, за него вели дека е Мајкл Џордан во ракометот.

Балиќ беше среден бек со два рала мадиња, дрзок, препотентен и желен за титули. Вистински лидер и прогласен за најдобар играч во светот 2003-та и 2006-та.

Пет години помладиот од него Никола Карабатиќ, со неприкосновената Франција доминираше целосно на ракометната сцена. Освои 10 златни медали: 4 пати Светски првак (2009, 2011, 2015 и 2017), три пати Европски (2006, 2010 и 2014) и три пати Олимписки (2008, 2012 и 2020).

Нивните битките имаа посебен жар, а првите две им се паднаа во полуфинале на две ЕП по ред. Во 2006-та, па 2008-ма. Првото го доби Карабатиќ, второто Балиќ.

Кулминацијата се случи во финалето на Светско во 2009-та, кога во арената во Загреб, која крцаше со 15.000 публика, очекуваше уште еден златен медал на Хрватска под водство на Лино Червар.

Првата искра меѓу двајцата ривали летна во 45 минута кога при резултат 18:18, Карабатиќ на груб начин му спречи влез на Балиќ. Французите на крај излегоа победници и го добија финалето со 24:19.

Тоа беше прво од четирите освоени Мундијали за Карабатиќ. Следната година биеја нова тешка битка во уште финале, овој пат на ЕП во кое Франција повторно беше посилна.

На ЛОИ во Лондон, Ивано Балиќ се прости од хрватската репрезентација, токму против Карабатиќ во полуфинале кое повторно им припадна на Французите.

На крајот на видеото си испратија и пораки, а Никола кажа дека му е криво што никогаш не заиграле заедно. А можеа, доколку Карабатиќ ја одбереше Хрватска. Роден е во Ниш, 1987-ма од татко Хрват и мајка Србинка.

Се преселиле во Франција кога Никола имал 3 години, бидејќи татко му Бранко, кој исто така бил ракометар, таму добил можност да работи како тренер.

25 јануари 2022 - 15:46