Нема поправен испит за Индира и девојките

Ракометарките на Вардар во сабота играат исклучително важен натпревар во групната фаза од ЛШ. Во Скопје гостува традиционално незгодниот Крим од Љубљана, за кој играат довчерашната вардарка Алисон Пино и Мирјета Бајрамовска.

Свесни за тешкиот пораз од Лајпциг, тренерот Индира Кастратовиќ и Барбара Лазовиќ на денешниот прес истакнаа дека екипата веќе нема право на кикс и дека мора да почне да победува. Вардарки во моментов се претпоследни во групата 1, со само 3 бодови, лидерот Будуќност има 9, Динамо 6, колку што има и третиот Лајпциг.

Евентуален пораз во сабота значително би ги намалил шансите на ЖРК Вардар за пласман на Фајнал фор, така што победата против Крим е императив.

„Пред сè знам дека ве интересира играта против Лајпциг. На тој натпревар не покажавме ништо што очекувавме. Не барам никакви оправдувања, иако секоја сезона првиот натпревар после паузата е тежок. Сигурна сум дека девојките се физички и психички подгтовени за дуелот со Крим“ изјави Индира Кастратовиќ, која претходните денови остана без помошникот од Данска, кој по 16 дена го напушти Вардар.

Свое видување за противникот од Љубљана даде и Барбара Лазовиќ, и самата поранешна ракометарка на Крим, каде во моментов играат Алисон Пино и Мирјета Бајрамовска.

„Како и Инди, така и јас да се вратам на дуелот со Лајпциг. Одигравме натпревар под секое ниво, потфрливме во нападот и во одбраната и поразот беше неизбежен. Сигурна сум дека немаме веќе поправен испит, мора да гледаме напред и во сабота одиме на победа. На Крим не смееме да му дозволиме ниту еднаш да помисли дека може да победи“, констатираше Лазовиќ.

Една од најголеми задачи на Вардар ќе биде како да се запрат Пино и Бајрамовска, ведетите на словенечкиот тим, ракометарки кои одлично ја знаат состојбата во Вардар.

„Да бидам искрена, колку Пино знае за нас, толку и ние знаеме за неа. Ќе се обидеме да ги запреме неа и Бајрамовска, затоа што на последните неколку средби за Крим покажаа дека токму тие се главни карики во нивниот тим“, заклучи Индира, која додаде дека сите ракометарки се здрави и спремни да слават победа која ќе го подобри пласманот на табелата.

Дуелот ЖРК Вардар - Крим Меркатор Љубљана се игра во сабота од 19:00 часот во СЦ. Јане Сандански.