Македонија освои важен бод во Чешка, 20 одбрани за Борко

Македонската ракометна репрезентација успеа да излезе непоразена во вториот квалификациски меч за ЕП 2016 кое го играше на гости во Злин. Избраниците на Ивица Обрван анулираа 8 голови во второто драматично полувреме.

Македонија имаше одличен старт, а идентично како против Швајцарија работите во свои раце ги преземаа Кире Лазаров и Борко Ристоски кои беа најзаслужни што по 8 минути игра имавме водство од 3:6. Нашиот капитен постигна 4 голови, а Ристовски одбрани 6 удари.

Следуваше голем пад во нашата игра и во одбрана и во напад. Манасков промаши два зицери, а Чесите направија серија од 5:0 за голем пресврт и водство од 8:6.

Обрван свика тајм аут, но нашите ракометари и натаму го немаат ритамот од почетокот и тешко доаѓаа до реализација. Чешка продолжи да се одлепува резултатски и на полувреме стигна до висока предност од 18:11.

Големата битка се водеше во вториот дел. Домаќините стигнаа до највисоки 8 голови предност, но Македонија не се предаде и трпеливо ја топеше негативата.

Најголемата неизвесност почна некаде околу 50 минута кога при резултат 24:21, голови постигаа Лазаров, Мојсоски и Миркуловски и донесоа реми. Потоа се случуваше голема драма пред двата гола каде одлично бранеа и двајцата голмани.

Лазаров и Миркуловски испуштија два напади по ред за пресврт, а до крајот се играше гол за гол за конечни 27:27.

Во последните 15 секунди Чесите имаа можност за победа, но последниот удар го спречи Борко Ристовски кој блесна на мечот со 20 одбрани. Најпрецизен на мечот беше Лазаров со 10 голови, а одлична партија пружи и Миркуловски кој постигна 5 погодоци.

2 ноември 2014 - 15:23