Дину, Будимир, Индира, Вале, Гоца - денот кога Кометал стана европски шампион

Како предвесник за она што ќе се случува 15 години подоцна кога Вардар стана европски шампион, Кометал Ѓорче Петров на 19 мај 2002 година се качи на европскиот трон и го воодушеви цел континент.

Клубот основан во скопското предградие, својот најголем процват го имаше во 2000-те години кога ѝ донесе огромна радост на цела Македонија.

Цели 18 години поминаа од незаборавната „Кометал шампионе“ кога салата „Кале“ крцаше до последно место.

Кометал во 2001-ва година поради „култниот“ инцидент со Гунар Прокоп во епското финале со Хипо (2000), беше суспендиран, за да следната 2002-ра се врати и апсолутно доминантно да стане европски шампион.

Во сезоната без Европа, сопственикот и спонзорите решија да го задржат силниот состав и следната година го нападнаа тронот. Во финалето, по поразот на првиот меч 27-25 во Будимпешта, во реваншот Кометал го совладаа силниот Ференцварош Херц со 26-22 и цела Македонија еуфорично славеше прв европски клупски шампион во кој било спорт. Плоштадите и улиците ширум целата земја со сирени од возила ги поздравуваа големите шампионки:

Индира Кастратовиќ, Луминица Дину, Нацева Гоца, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељева, Андријана Будимир, Наталија Тодоровска, Мирјана Мими Чупиќ, Елена Златановска, Ирина Калиниченко, Ања Андрушенко, Наталија Малахова и другите, кои го остварија до тогаш најголемиот успех во историјата на македонскиот спорт.

Овој неверојатен состав освои пехар во Лига на шампиони, 17 пати стана шампион на Македонија, 16 трофеи во Купот на нашата земја.

Бајката за Кометал заврши во деветтиот месец од 2011-та година, но ја раскажуваа и ќе ја раскажуваат генерации.