Леброн го потопи Денвер и ги однесе Лејкерс во прво финале после 9 години

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс со 117:107 го совладаа Денвер и станаа конференциски шампиони на Западот. Сега ги чека големо финале против Мајами или Бостон Селтикс каде води Хит.

Денвер Нагетс просто се навикна да се враќа од практично безнадежни ситуации во овој плејоф. Дури два пати Нагетси водени од тандемот Јокиќ-Мареј успеваа да се вратат од бездната (1-3 губеа против Јута и ЛА Клиперс во плејофот), но овојпат Лејкерс и Леброн беа ѕид во кој се удрија.

„Кралот“ Џејмс со страшен трипл-дабл: 38 поени, 16 скока и 10 асистенции беше најдобар играч на мечот и на Лејкерс му донесе конечни 4-1 за круна на Западот и за финале на НБА.

Интересно само еден играч имал 35+15+10 во последен меч од серијата во плејоф (легенда на Лејкерс Џејмс Ворти во 1988 година). Во четвртата четвртина Леброн синоќа уфрли во петта брзина: 16 поени за една четвртина, сјајна одбрана и луди скокови.

„На чекор сме од целта. Работата уште не е готова“, изјави Леброн мислејќи на финалето на НБА а не за конференциска титула на Западот.

Ова ќе биде дури 9-то финале во последните 10 години за Леброн Џејмс а вкупно 10-то во неговата неверојатна кариера. Со таков подвиг може да се пофалат само уште две легенди: Бил Расел и Џем Џонс од династијата на Бостон Селтикс во 1960-те години.

Кај поразениот Денвер кој беше најпријатно и најголемо изненадување сезонава во плејофот: Никола Јокиќ одигра само 30 минути поради тоа што направи брзи фаули па постигна вкупно 20 поени (9/16), 7 скока, 5 асистенции и 3 украдени топки. Џереми Грент уфрли 20 поени со 9 скока, а повредениот Џамал Марај стигна храбро до 19 поени (7/17 од игра) и 8 асистенции.

После само неколку месеци во тандем со Ентони Дејвис, Леброн покажа дека е најдобар играч на светот. Сега може да стане само трет кошаркар во историјата со три прстени во три различни клуба (Џон Сели: Детроит, Чикаго и Лејкерс и Роберт Хори: Хјустон, Лејкерс и Сан Антонио).

Вакво нешто може да направи и Дени Грин кој има две шампионски титули - со Сан Антонио и со Торонто лани.

Раџон Рондо ќе го игра своето трето финале во кариерата (прво после 10 години пауза). Двајт Хауард ќе се бори во второ финале во кариерата после 11 години без истото.

Џавејл Мекги може да стане трикратен шампион на НБА, Џеј-ар Смит двократен, Алекс Карузо и Дион Вејтерс би ги добиле своите први шампионски прстени. Како и големиот Ентони Дејвис кој е сигурно најзаслужен за победничката серија против Денвер Нагетс.

27 септември 2020 - 10:20