Кил рутински против подмладокот од Автокоманда

Ракометарите на Металург очекувано забележаа висок пораз од германскиот гигант со 35:16, но успеаа да ја избегнат најслабата ефикасност која ја имаа против Кјелце. 

Во претпоследното коло од Лигата на шампионите, Металург отпатува на гостување кај еден од главните конкуренти за лидерската позиција во групата и сосема очекувано со вториот тим го забележаа седмиот пораз во групната фаза.

Младинците на Лино Червар беа преимпресионирани од настапот против големиот фаворит и беа целосно стегнати во првите 30 минути. По 8 минути игра резултатот беше 3:3 и потоа на терен имаше само една екипа, домаќинот.

Германскиот состав до крајот на првото полувреме го демолираше нашиот тим со серија од 14:0 и на пауза на семафорот стоеше 17:3.

Постот од 25 минути без постигна гол го прекина Филип Талески кога по три минути игра постигна два гола по ред и од тој момент подмладокот на Металург излезе од грчот и во второто полувреме постигна 13 голови.

Дебитантски погодоци во Лигата на шампионите постигнаа Горан Крстевски (роден 1996), Мартин Велковски (1997 година), Бојан Маџовски (1994) и Жарко Пешевски (1991). Најпрецизен беше Филип Талевски со 5 гола, Марко Бувиниќ постигна 3, а Нелоски и Костески по два.

Металурзите го избегнаа неславниот рекорд против Кјелце од пред две години кога беа најнеефикасни со 15 постигнати погодоци. Пораз од 19 голови разлика Металург имаше и пред девет години од Фленсбург на гости.

Последниот натпревар во ЛШ за оваа сезона Металург го игра против Загреб, на 22 февруари во „Борис Трајковски“.

15 февруари 2015 - 21:48