ЕП 2016 Полска

Горчеливо реми против Норвешка, сонот Рио уште е жив

11-те голови на Лазаров, фантастичната игра и предноста од 5 голови не беа доволни македонските ракометари да ја совладаат Норвешка. На крајот конечни 31-31 пред последниот дуел против Белорусија.

Во мечот пред кој многумина не отпишаа, Македонија одигра феноменално прво полувреме. Почнавме со гол на младиот Кузмановски кој набрзо асистираше и на семафорот водството беше на наша страна. Малку време му требаше на капитенот Лазаров да покаже дека против Хрватска имал само лоша вечер. Од секоја позиција го торпедираше норвешкиот голман.

Лазаров погоди 7 од 8 обиди а како обично бидува, неговиот ритам одлично го следеше Борко на голот, така што после првиот дел имавме и повеќе од убедливи 17-13 (Миркуловски постигна еврогол со звукот на сирената).

Норвешка го почна вториот дел со два гола, но избраниците на Обрван возвратија и предноста од 4 голови повторно беше на наша страна (19-15). Во ситуација кога го имавме мечот под контрола, Лазаров со својот 11-ти погодог ја однесе нашата репрезентација на убедливи +5 (29-24), период после кој норвешкиот селектор реши да го затвори Кире со фластер.

Од тој момент започна конфузија во нашата игра. Помалку идеи во нападот, брзоплетост и неодлучност пред противничкиот гол што резултираше со неколку гола во серија на Норвежаните кои направија 3-0 и се вратија во игра. Важно е да се напомене и непотребната реакција на Борко Ристовски кој при 28-25 беспотребно избрза една контра кон Лазаров која што противникот ја скроти. Скандинавците набрзо израмнија 28-28 на осум минути пред крајот.

Во финишот Норвешка со 31-30 имаше карта за полуфиналето, но Миркуловски израмни, по што следуваше драма. Противникот направи пробивање, за нам да ни останат 50 секунди за победа. Обрван повика тајм-аут, нападот траше до крај но не искористивме и ремито остана како рана после убедливото водство.

За пласман на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Рио де Жанеиро на Македонија, Полска ќе треба да победи на останатите два меча, а Франција да ја победи Норвешка.

Лазаров со 11 голови беше најефикасен кај нас, Манасков постигна 5 а Филип Миркуловски 3 погодоци. Борко Ристовски запиша 10 одбрани. Кај Норвежаните, Кристијан Бјорнсен со 6 голови беше најефикасен. Следниот дуел нашите го играат против Белорусија во среда.