Ракометна лига на шампиони

Голем триумф на младоста на Металург во Европа

Рецептот на Лино Червар за поголем простор за младите македонски ракометари почна да дава успех. Металурзите ја прекинаа црната серија во Лигата на шампионите и вечерва славеа убедливо против норвешкиот Елверум 26:31.

Во Скопје норвешкиот шампион Елверум падна со голот на Филип Талески во последната секунда, но вечерва македонскиот вицепрвак Металург покажа дека има тим со светла иднина којшто во текот на целиот меч ја имаше контролата над резултатот.

Одлично поставената одбрана од Лино Червар се исплатеше на почетокот и веќе од стартот Металург водеше со високи 0:3. Норвежаните во еден момент се вратија на 3:5 по што хрватскиот стратег повика тајм-аут и одбраната повторно се консолидираше а нападот функционираше беспрекорно и Скопјани водеа со 3-7.

Највисоката предност во еден момент ја донесе Филип Кузмановски кој го однесе Металург на 5-13, а падот на ритамот им овозможи на домаќините на полувремето да заминат со 9-14.

Играта од почетокот на првиот дел не се репризираше и на стартот од второто полувреме каде Металург направи серија почетнички грешки, во одбраната пред голот на Арсиќ дуваше промаја, по што Елверум постигна дури четири гола за три ипол минути и се врати во мечот.

Тогаш одговорноста ја презеде големата надеж на македонскиот ракомет, Филип Кузманоски кој со својот петти гол одново го одлепи својот тим на пристојна разлика, а потоа со асистенции во стилот на Кире Лазаров им намести чисти позиции за гол на Обрадовиќ и Пешевски кои лесно реализираа.

Голманот Арсиќ го фати потребниот ритам кога одбрани два чисти зицери на противникот при водство на Металург од 16-18, а Червар невообичаено за него во второто полувреме често го вадеше Арсиќ и играше со играч повеќе во поле без голман на голот.

Елверум го искористи неискуството кај македонските ракометари и се врати на 19-20 со два погодоци од својата половина. Можеби клучен момент од натпреварот беше голот на Велковски (негов втор во вториот дел) кога Металурзите поведоа 21-23. Иако на голот застана Дупјачанец место Арсиќ, тоа не го поремети ритамот на „Сино-белите“ пред се на Филип Кузмановски кој со својот деветти гол му овозможи на Металург одржување на предноста (22-24).

По тајм-аутот на Червар од својата половина Филип Талески даде ефектен гол, Норвежаните загубија на концентрација и на крајот Металург ја потврди победата 26-31.

Со девет погодоци, играч на мечот беше Филип Кузмаљновски, Обрадовиќ даде шест гола а Велковски постигна пет. Голем удел во триумфот на Металург маше Арсиќ со 14 одбранети удари. Кај Елверум, нивниот најдобар ракометар Поклар постигна 7 гола, а Пујол даде пет. Во следната рунда, избраниците на Лино Червар на 27-ми овој месец во СЦ „Борис Трајковски“ ќе играат против словенечкиот шампион Татран Прешков кој веќе падна еднаш во Скопје во дуел од СЕХА лигата.