Ѓер го освои Јане Сандански

Ракометарките на ЖРК Вардар имаа очаен старт во новата сезона од најелитното клупско европско натпреварување. Во првото коло загубија од конкурентот за врвот на табелата во групата со 22:27.

Македонскиот шампион го доби најтешкиот и најатрактивниот противник во првиот меч од новата сезона во Лигата на шампионите. Унгарскиот вицешампион лани беше елиминиран во четвртфиналето од Вардарки, но денеска беше подобар противник и заслужено победи.

Ѓер на стартот поведе со 0:2 и со константно водство од два до три гола разлика беше во предност скоро во текот на целото прво полувреме. Единственото израмнување се случи во 7 минута по двете интервенции на Лејно. Сокач од пенал и Лазовиќ реализираа за 3:3.

Следуваа неколку одбрани на голманките, а потоа гостинките одново стигнаа до водство овој пат од 5:8 по што Кастратовиќ свика тајм аут. Тоа не промени ништо во играта. Вардарки играа слабо во одбрана и направија многу технички грешки во напад.

Унгарките во 20 минута стигнаа и до +4, благодарение на Лоќе од која доаѓаше најголемата опасност и која стигна до 5-от погодок. Потоа беа исклучени Аморим и Кнедликова, но Вардар врза само два гола и не успеа да се врати резултатски. На пауза имаше негатива од 10:13.

Избраничките на Кастратовиќ во вториот дел одиграа уште полошо. Делуваа безидејно, индиспонирано и влегуваа од грешка во грешка. Најголемата негатива ја имаа во 53 минута кога губеа со 8 голови предност.

Ѓер направи две одлични серии. Првата од 4:1, а потоа и од 5:1 што беше клучно дека нема да го испуштат тоа што го градеа уште во првото полувреме.

Маја Сокач со 5 и Андреа Пенезиќ со 4 беа најпрецизни кај Вардарки, а Лејно имаше 11 интервенции. Во следното коло ЖРК Вардар на 24 октомври му гостува на Хипо во Виена.

17 октомври 2015 - 21:50