Ракометна Лига на шампиони

Црвено-црните за малку од готово вересија

Ракометарките на Вардар ја продолжија победничката серија која сега изнесува 8 триумфи по ред, откако попладнево го победија Турингер после драматична завршница на мечот на кој имаа 8 гола предност.

Македонскиот шампион Вардар попладнево му гостуваше на актуелниот германски првак Турингер и уште од стартот му покажа зошто сезонава е фавориот за трофејот поголем од кога и да е.

Девојките во црвено-црни дресови тргнаа фуриозно и поведоа 0-4, предводени пред се од Лејно на голот и Андреа Пенезиќ која доминираше во нападот. Како ретко кога од кога игра во Европа Вардар постигна дури 11 гола од 12 удари кон противничкиот гол и немилосрдно ја зголемуваа разликата, 6-11, 10-17 и на паузата заминаа со 13-18.

Русинката Хмирова со крената тупаница во вис го прослави голот со кој Вардар замина на 13-19 на почеток на второто полувреме. Ваквата ситуација како да го натера тренерот Дејвис целосно да ја смени поставата на теренот и тоа за многу малку не му се одби од глава.

Домаќинките, осоколени од неколку гола во серија, тргнаа на се или ништо, заиграа постабилно во одбрана, а голманката Краузе „спушти ролетна“ и Вардарките немаа одговор на нејзините одбрани.

Турингер експресно се вради во игра благодарение на тоа што најдобрата хрватска ракометарка Пенезиќ нагло го загуби ритамот. Германскиот шампион неверојатно дури на два пати имаше по гол предност и напади за +2  (28:27 – 53.; 29:28 – 56.)

Тоа ги мотивираше гостинките од Скопје да се стабилизираат, Андреа Лекиќ даде два ефектни гола и во последната минута се тргна со предност за Вардарки 29-30.

Турингер во последниот напад тргна без голманката Крузе со седум ракометарки во напад, но Србинката Лекиќ спречи било каков обид за шут, одзема топка и од својата половина погоди за триумф и пласман во четвртфиналето.

Пенезиќ постигна 10 гола, Андреа Лекиќ 8 од кои 4 кога се кршеше резултатот. Ања Алтхаус даде 5 гола а новата ракометарка Херем 4.

Вардарки со овој триумф останаа први во групата, а во следното коло на 26. февруари во салата „Јане Сандански“ го пречекуваат Будуќност во дерби натпреварот.

12 февруари 2017 - 16:04