Лига на шампиони

Циндриќ ги покори своите, Вардар ја изгуби војната во Кјелце

По фантастични четири победи на четири меча, ракометарите на Вардар го претрпеа првиот пораз во групната фаза од Лига на шампиони: Кјелце - Вардар 31:27 (16:15).

Ракометарите на Вардар на гостувањето во Полска преживеаа права мала ракометна војна која заврши со два црвени картони (Алекс Душебајев кај Кјелце и Вуко Борозан кај Вардар).

Полскиот состав имаше контрола над мечот од почеток до старт иако Вардар неколку пати резултатски се враќаше.

Тимур Дибиров и Шишкарев лошо го отворија мечот а Кјелце возврати со серија 3-0. Токму Дибиров беше стрелец на првиот гол на Вардарци кога погоди во празниот гол. Тоа не го натера Кјелце да подзастане, напротив, тргна силовито и поведе 8-4 па шпанскиот стратег на клупата на Вардар мораше да побара тајм-аут.

Во 14’ минута шок за гостите од Скопје. Вуко Борозан во еден жесток налет со лакт „го прекрши“ Јурецки и доби директен црвен картон. Од тој момент Вардар остана без својот најдобар играч во претходните средби.

Во финишот од првиот дел Вардар успеа да се приближи на 16-15, но не успеаа да израмнат а во последната секунда пред сирената, Столе Стоилов заработи исклучување па „црвено-црните“ вториот дел го започнаа со играч помалку и гол негатива.

Само што почна вториот дел, после пет минути игра Шишкарев го фаулираше Алекс Душебајев и доби исклучување но Шпанецот не се помири со тоа, реагираше грубо и заработи црвен картон.

Но Кјелце не се поремети по исклучувањето на својот најдобар играч затоа што Јанц кој заигра десен бек место Душебајев беше нерешлива енигма за Милосављев и Полјаците отидоа на 22-17 во 43’ минута.

До крајот од мечот македонскиот шампион не успеа да се справи со физички снажните противници и загуби 31-27. Скубе и Дибиров беа први стрелци кај Вардар со по шест погодоци, Шишкарев даде четири а Лука Циндриќ беше најефикасен на мечот со осум гола од девет шута. Хрватот беше најзаслужен за славјето на Кјелце.

14 октомври 2018 - 19:26