Червар: Ги почитувам играчите, продолжуваме гордо во Европа

„Без разлика во каков состав сме ќе се бориме, особено за нашите навивачи кои многу ги почитуваме и морам да кажам дека поради нив ми е многу жал што дојде до ова“, рече хрватскиот стратег.

По големите турбуленции и заминувањето на странските ракометари, Металург одржа прес конференција во пресрет на шестото коло во ракометната Лига на шампиони во кое во сабота со почеток од 19 часот ги очекува реванш против Ла Риоха.

И покрај обвинувањата на играчите кои преку соопштение бараа заминување на Червар, тренерот на Металург ги потенцираше нивната борбеност, почитта спрема нив и успесите на клубот.

„Спортот има само еден термин, а тоа е вистината и Металург може да се гордее со резултатите. Имам големо почитување спрема моите играчи и никогаш нема да го заборавам ова што го правевме изминативе прекрасни години. Пред пет години бевме непознати. Никогаш нема ниту еден збор нема да кажам кој што рекол и мислам дека играчите и клубот мораат да имаат меѓусебно почитување и тие се оние кои мораат да се борат за она што е наше . По поразот во Шпанија им честитав за борбата и желбата. Миркуловски во Ла Риоха го одигра најдобриот меч од кога сум тука, даде 8 гола, па тој против Радовиш нема дадено толку голови. Мојсоски се бореше како лав, еве тука е и Ванчо и тој се бореше. Јас уште верувам во нивната желба, во нивниот инает", изјави Червар

Прва победа сезонава во Лигата на шампионите најави Ванчо Димовски кој рече дека Металург не е навикнат да губи.

„Играме против тим кој е доста квалитетен и една од екипите кои сигурно кое го бараат своето место во топ 16 во Европа. Доаѓаат од земја која е светски првак. Влеговме во циклус преполовени, сите посакуваме да одиграме на едно ниво ако може подобро од првиот меч и да се обидеме да ги израдуваме прв пат нашите навивачи. Нашата цел е на следните 3 меча да завршиме со 6 бода со што би биле презадоволни и тогаш ќе знаеме на што сме. Мотивација секогаш имаме. По сите овие резултати кои ги имавме минативе години, на некој начин се навикнавме повеќе да победуваме. Не ни е убаво кога губиме и не боли што имаме 5 порази. Ние секогаш излегуваме на терен за да победиме“, рече Димовски.

Претседателот на клубот истакна дека му е мило што се појавиле на прес конференција на таков состав.

„Ова многу лош момент за нас. Сите кои го пратат клубот знаат какви успеси имавме. Металруг застана на здрави нозе и сега треба да се залечат раните. Драго ми е што сме во овој состав, одиме по нов пат и времето ќе покаже дали сме на прав пат. Битката ја загубиме, но не и војната. Ќе им се оддолжиме на навивачите, сезоната не завршува сега, има време, а резултатите на крај се сумираат“, рече Левче Китевски

По бојкотот на ракометарите на Металург кои одбија да патуваат на мечот против Загреб од СЕХА лигата, клубот е казнет со одземање на еден бод и 2.000 евра, а ќе треба да ги платат и трошоците за организација на мечот.