ЕУ и пропагандната војна:

Ако сакаш да го елиминираш, прогласи го за проруски

Данска новинарка и колумнистка е последната што е ставена на црната листа на ЕУ и нејзиното пропагандно тело за борба против пропагандата на Русија, а кое не е многу различно од озлогласената макартиева комисија во САД, која бркаше вештерки со алиби дека се бори против комунистите.  

„Денеска јас сум ставена на листа, утре ќе биде некој друг што има поинакви мислења за европските политики“, изјави Ибен Транхолм, која вели дека оцрнувањето на неистомислениците во последно време е омилената тактика на западните земји.

Таа во неколку наврати ја има критикувано европската миграциона политика, и тоа во непожелни медиуми како што е РТ. Има пишувано за неможноста за масовна интеграција на муслиманските мигранти во европските општества, a цени дека муслиманската радикализаија во ЕУ е овозможена од духовниот вакуум создаден од западниот културен нихилизам.

Ваквите ставови ја ставија на црната листа на East StratCom Task Force, тело формирано во 2015, кое се замислува како прва линија на фронтот против руската пропаганда со задача да создава комуникациски стратегии за демаскирање на руските наративи, а притоа и детектира поединци што се на „погрешната страна“.

Данската новинарка вели дека ова е најчестиот европски механизам за справување со новите „дисиденти“ за чија дискредитација и елиминација од јавниот простор е доволно да посочиш некоја нивна врска со Русија или да објавиш дека негуваат тесни врски со таа земја. Според неа, ова е своевиден „атентат врз карактерите“ по кој јавноста не треба да им верува на тие луѓе. 

„Тешко е да се поверува дека модерната демократска Европа завршува во своевиден тоталитаризам или полутоталитаризам во кој нашите лидери имаат специјална дефиниција што е тоа демократија - ако не се согласуваш со тоа, те ставаат на листа. Многу алармантно и загрижувачки“.

И шефот на данската дипломатија Андерс Самуелсен смета дека Тронхалм го брани „рускиот наратив“, па застана во одбрана на одлуката за нејзино ставање на црна листа.

Во неколку наврати новинарката се обиде да објасни дека нејзините ставови не се антиисламски, туку само дека „секуларизмот, релативноста на вредностите, материјализмот и формалната демократија се новата религија во Европа, која постојано докажува дека е немоќна во однос на исламизацијата“.

Не дека Русите се за верување (од позабавните приказни: Крим е нивен цели 160 милиони години), ама потегот на (контра)пропагандното тело на ЕУ е потег што повеќе личи дека е донесен во некој тоталитарен советски систем.