Македонски фан клуб на Ливерпул

За нив Ливерпул е религија

Членовите на македонскиот фан клуб на Ливерпул и после две недели сè уште се под импресии од дербито со Јунајтед кое го гледале во живо на Енфилд Роуд. Ни раскажаа како го организирале најмасовниот собир на еден фан клуб во регионот, како смрзнале во Софија и по што ги запаметил Крег Белами.

Што сè опфаќа организацијата на еден пат до далечна дестинација како што е Англија, за да го бодриш омилениот клуб? Не е клуб од ова поднебје и не се неколку километри во прашање.

Игор: Не правам градација на навивачи, меѓутоа сите кои што отидовме сме повозрасни и подолг период навиваме за Ливерпул. Ако се сака и ако се штеди многу, може да се отиде. Организацијата е сериозна, затоа што има многу зафрканции како што е визата, летот, сите документации кои треба да се средат. Треба да се заштедат многу пари, затоа што е мошне скапа екскурзија.

Отприлика колку македонски просечни плати требаат за таков подвиг?

Игор: Околу две и пол македонски просечни плати. Секако, може да се помине и далеку поевтино, но ние отидовме како да одиме еднаш. Не штедевме во фан шопот, не штедевме на излегување, посета на локалитети, музеи и сл. Скапо е, но што се сака се може. Организацијата за патување во Англија започна откако по формирањето на официјалниот навивачки огранок на Ливерпул имаме можност да аплицираме за карти пред секоја секоја полусезона. Бројот на влезници кој го добиваме го одредува клубот во зависност од големината на фан клубот, колку е стар фан и колку членови има.

Апликацијата за картите важи само пред почетокот на полусезоната?

Игор: Не знам колку бевме сериозни, пред почетокот на вторава полусезона, аплициравме за два натпревари. Едната беше за Јунајтед и таа беше повеќе на шала, како демек ќе одиме на Јунајтед, а другата е за КПР. Мечот со КПР е за некоја недела на Енфилд, а веднаш после тој натпревар ќе се одржи тн. Black tie dineer состанок, кога сите фан клубови одат на гала вечера со играчите и стручниот штаб. Тоа важи само за официјалните фан клубови. Кога добивме одговор дека за дуелот со Јунајтед на Енфилд имаме осум карти, веќе сфативме дека работата е сериозна. Моравме да собереме кворум од осум души, ја баталивме таа со КПР и се посветивме на Јунајтед.

Како одлучивте кои осум навивачи да можат да ги купат тие карти?

Игор: На нашата страна Маседониан Редс.ком објавивме оглас, повик дека имаме осум влезници за Ливерпул - Манчестер Јунајтед, ако сака некој да аплицира. Прилично брзо ги составивме тие осум души, иако имаше луѓе кои викаа одиме не одиме, одиме... Кога се јавија посериозни луѓе, ја почнавме процедурата за виза и слично. Еден од луѓето што ја води целава организација, ни кажа дека картите се за КОП и тука сите полудевме од среќа. Резервиравме авионски карти, организиравме агенда и тоа се случи многу брзо.

Со нас имаше брачен пар од Германија, дечко од Канада, двајца беа од Битола, јас од Ѓорче и еден дечко од Куманово. Буквално мешана екипа, но сите од Македонија. Договорот за организацијата го правеше Горан, другар од Битола кој исто со мене го води овој навивачки бранч. Со останатите не се познававме лично, освен од комуникацијата преку Фејсбук. Во Ливерпул стигнавме во средата, а останатите во саботата на денот на натпреварот. Се договоривме да се чекаме пред лавовите. Го прошетавме Ливерпул „уздуж и попреку“, но не видовме никакви лавови, за да дојдеме пред едно огромно здание Сент Џорџис и да видиме дека има три мали бисти на лавови. Македонска работа.

Ја почувствувавте ли познатата англиска култура низ пабови, каде се точат тони пиво и се пејат навивачки песни?

Игор: Тоа можеби беше и пресудно што се одлучивме да тргнеме на четири дена пред мечот. Буквално е така како што го замислувавме. Луѓето живеат и дишат за натпреварот. Се зборува за него 24/7, а највпечатливо ми беше што просечен навивач што гледа фудбал има огромно познавање за овој спорт, во смисла на тактичка поставеност и разбирање на играта. Културата на одење во пабови е страшна, бидејќи и преку ден и навечер можеш да видиш луѓе од 15 до 75 години. Кај нив нема возрасна разлика како кај нас. Пиво се точи на тони, алкохолно е послабо од нашето пиво, но страшно е колку се пие. Дружбата е одлична, ние сретнавме девојки кои навиваат за Евертон и многу нè испочитуваа бидејќи сме дошле од далеку да го гледаме Ливерпул. Пред и после мечот културата се гледа на секој чекор. Не видовме никаков инцидент, иако на самата натпревар владее голема омраза и меѓусебни дофрлувања.

Инаку стоевме на делот од КОП кој е предвиден за странските фан клубови. До нас на трибината имаше луѓе од различни земји. Седевме до Французите и до фан клубот од Хонг-Конг. Тој дел е од страна на трибината, а останатиот е предвиден за „скаузерите“ (тврдокорните и најстари навивачи на Црвените).

Можеш ли да ни го доловиш навивачкиот аспект во Ливерпул?

Игор: Пред натпреварот добивме објаснување за кодексот на однесување на трибината КОП. Бевме на турнеја низ стадионот и еден од водачите ни кажуваше што значи да имаш карта за КОП. Тогаш сфативме дека 90% од луѓето кои имаат сезонски карти за трибината, истите ги добиле од татко на син, од колено на колено. Нивните татковци ги добиле од нивните дедовци и таа традиција се обновува секоја сезона. Што се однесува до приказната зошто трибината се вика КОП, тоа е место во Африка кое се вика Спион Коп и таму биле испратени да војуваат многу навивачи на Ливерпул во Првата светска војна. Некои луѓе држат сезонска карта за КОП уште од тоа време и тоа за нив важи светост. Според КОП-от на Ливерпул, срцето на секоја трибина во светот, онаму каде што седат најзагреаните навивачи се вика КОП.

Зошто е огромна разликата меѓу нивната и нашата навивачка култура?

Игор: Кај нив е подруго затоа што они навиваат за клуб, а не за играч. Тоа го приметивме со заминувањето на Торес, Суарез, сега и Џерард. Никој не се врзува за нив туку за клубот. Има луѓе кои го гледале Ливерпул со Кени Даглиш, со Кевин Киген и плејада легенди и нив клубот им е пред сè. Мислам дека кај нас фали таа компонента. Друга ставка е што многу те почитуваат кога ќе дознаат од каде си дошол до Англија за да го гледаш клубот. Те прифаќаат како еден од нив, нема его трип од типот јас сум од овде, ти којзнае од каде, туку веднаш добиваш чувство на припадност.

Опиши ни го моментот со црвениот картон на Џерард после 40 секунди откако влезе во игра?

Игор: Губиме 0:1, срање од игра, никој ништо не игра. Џерард има слаба сезона и влегува против Јунајтед на последно дерби за него во дресот на Ливерпул. Кога го видовме дека се загрева, прво што ми дојде пред очи беше мечот со Свонси. И тогаш ништо не игравме, влезе Џерард и го смени цел меч. Против Јунајтед секогаш играл одлично, им правел проблеми, очекуваш дека ќе влезе и ќе ја поврзе играта. Кога влезе, прво што приметив беше стартот над Мата, не знам колку го видовте тој момент пред црвениот картон, Џерард му влезе со две нозе на Мата само 10 секунди откако влезе во игра. Тогаш видов дека е нервозен затоа што му е последно дерби. Издржа неколку стартови, но кога му влезе на Андер Ерера, точно се виде намерата дека сака да го згази. Кога судијата извади картон, не ја видовме бојата и не знаевме дали е жолт. Кога ги видовме навивачите од другата страна дека се радуваат, јасно беше каква боја е картонот. Сите бевме шокирани што толку кратко го видовме. Го разбирам зошто е фрустриран, пошто овие на Јунајтед цело време пееа песни против него и го прозиваа за изгубената титула.

Какво е јавното мнение во Ливерпул за Џерард. Дали е исправно една таква легенда да го напушти клубот?

Игор: Нормално е да има различни мислења, затоа што има многу навивачи. Јас лично го разбирам зошто си оди. Кога бил во најдобра форма, играл со еден до двајца врвни фудбалери. Можел да игра каде сака, но останал во Ливерпул. Во однос на одлуката за Америка, големи пари се во прашање, големо психичко олеснување затоа што во САД е помал притисокот отколку во Англија. Екипата цела сезона лани играше за титула, човекот се лизна во најважниот момент против Сити и тебе тоа да ти го пеат цела година... Голем психички товар е и правилен потег е затоа што сака да игра 90 минути како јак играч. На Енфилд тешко да ја добие таа минутажа догодина.

Каква е ситуацијата со Марио Балотели? Обично медиумите пишуваат за неговите глупирања. Што конкретно мислат на Енфилд за него?

Игор: Тоа е генерално мислење. Имавме можност од дечкиве, тур водичите што нè шетаа низ стадионот да слушнеме за Балотели. Дојдовме во дел од кантината каде јадат играчите. Таму има дел со играчки предвиден за децата. Водичите ни кажаа дека кога Балотели не игра со играчкиве, си играат децата на фудбалерите. И тие го гледаат како несериозен играч и добар дел од нив сакаат Марио да си оди.

Кога сме кај песните и скандирањата, за што најмногу се „пецкаат“ најлутите ривали освен за локалниот ривалитет?

Игор: Освен што има прозивки на фудбалски план, има и доста што се поврзани со културата на двата града. Се пецкаат за титулите и тоа е најчесто. До скоро не можеа да нè закачаат затоа што ние имавме 18 титули, они пар помалку, но сега се смени ситуацијата во нивна корист. Имаат една песна „20 Тimes“ која што најмногу ја фураат. На тоа ние им одговараме со песна за европските титули, затоа што Ливерпул е единствен во Англија со пет титули во ЛШ. Ливерпул го има и оригиналниот пехар од ЛШ што го чува во музејот, а тие го немаат. Една од најактуелните песни е онаа за Џерард, преработката на култната Que sera sera... Ние пееме дека Џери шутира од 40 јарди, а тие дека се лизнал на 40 јарди, кога лани ја загубивме титулата. Обично се користат тие реторики. На последниот меч навивачите на Јунајтед имаа добра зезалица, со банер на кој нивните тренери Сер Алекс Фергусон и Сер Мат Базби имаат титули Сер, а ниеден наш легендарен ги нема. Нашите вратија дека не сме заглавени на 3, туку сме европска гордост со 5 титули во Европа.

You''ll never walk alone?

Игор: You''ll never walk alone и Fields of Anfiled се песни што одат пред секој натпревар. Многу е језиво во позитивна смисла кога ќе ги слушнете на озвучување, обично оди цела строфа. Шалови крева цел стадион, а на КОП се вее големиот банер. Нив знамињата им седат во посебни простории во клубот и ти не можеш да внесеш знаме со прачка, со мотка, туку можеш само да го распакуваш и да го држиш во раце.

Како поминавте на гостувањето во Бугарија против Лудогорец во ЛШ?

Ведран: Со картите за тој меч имаше зафрканции. Со брат ми се договоривме да почекаме уште некое време пред да купиме карти, затоа што овде во Југотон се продаваа како блок карти за сите три дуели на Лудогорец. Против Реал, Базел и Ливерпул. На три недели пред тргање, Игор ми кажа дека некој Англичанец кој живее во Скопје продавал две карти. Купивме од него и после сè беше полесно за организација. Се решивме да го направиме како провод заедно со натпреварот.

Игор: Инаку бевме многу луѓе, имаше два автобуси, едно комби и неколку коли. Најмалку 100 луѓе бевме сигурно. 

Ведран: На три четири часа пред средбата имаше собир во еден паб, каде со Англичаните и сите други од регионот имаше права журка. Атмосфера беше лудачка, прејака, пабот крцаше со минимум 200 луѓе. Можеби најдобриот момент од целата авантура беше кортеото до стадионот. Имаше доста Срби и Бугари со кои се познававме од претходно, и сите заедно тргнавме на стадион. Дента беше многу студено, а посебно вечерта. Врнеше и премрзнавме. Малку се разочарав од составот на трибината, затоа што имаше буквално стари, возрасни луѓе кои дошле како туристи а не навивачи. Немаше којзнае каква атмосфера. Подобро беше во пабот, отколку на стадионот затоа што и резултатот 2:2 не беше добар за нас.

Филип: Кортеото од пабот до стадионот го одбележа ова гостување во Бугарија. Имаше многу полиција, затоа што претходната недела се случи убиството на навивач на Црвена Звезда во Истанбул и контролите беа ригорозни, но тоа не ни сметаше да грмиме. Бугарите имаат многу членови во фан клубот. Нивниот фан клуб е можеби најстар во Европа. Официјално се членови од 2001 година и морам да признаам дека многу ни помогнаа околу нашиот статус. Даваа препораки за нас во Ливерпул и ни завршија голема работа.

Голем дел од навивачките групи во Европа имаат ригорозна контрола за банерите кои се ставаат на ограда. Дали Црвените имаат посебна политика за тоа?

Игор: На КОП на Енфилд има едно правило. Не се носат државни знамиња, туку само тие на Ливерпул. Од државните се вее, сигурно сте приметиле, белгиско знаме. Тоа е во сеќавање на жртвите од Хејсел во Брисел. Кодексот многу се почитува. Има редар на КОП кој прегледува што пишува на банерот. Не се дозволени никакви фотошопирани слики или политички конотации. Никој не ти забранува да внесеш банер, сè додека ти е во корелација со клубот. Обично на Енфилд имаш мрежа која се наоѓа пред голот, но тука никој не ги врзува банерите. Не е како во Италија или Шпанија каде ги врзуваат на ограда, затоа што во Англија нема огради и секој си го држи банерот во рака.

Кои се условите еден фан клуб да стане официјален?

Филип: Прво и основно е да имаш регистрирано здружение на граѓани. Ние сме здружение на граѓани од 2012-та година. Почнавме со спонтани собирања и година дена ни требаше за да стекнеме доверба еден во друг. Британците се малку пошкакливи за тоа, затоа што има листа на чекање. Грција на пример има три фан клуба, Кипар има два, а на Британците им е важна географската поставеност. Посебно тешко ни беше што Босна нема фан здружение, официјално немаше ни Црна Гора, ни Србија и тоа ни беше проблем.

Игор: Клубот секоја година одредува буџет за секторот кои работи со ограноците. Што повеќе бренчови аплицираат, толку повеќе време се чека за добивање. Нашиот основач Горан од Битола има членска карта од 2005-та година, така што тој е меѓу најзаслужните што добивме официјално признание дека сме фан клуб на Ливерпул.

Како се вади членска на Ливерпул и колку членови има вашиот фан клуб?

Игор: Членската чини 1000 денари, така што многу луѓе се скептици околу тоа. Преку 30 души сме што редовно ја обновуваме членската карта секоја сезона. Според фан страните имаме околу 3-4 илјади навивачи. Ако го земеме како мерило собирот што го организиравме во Чаршија, таму имаше преку 600 луѓе.

За регионалниот собир во пивница во скопска чаршија се зборуваше и на тв Спортклуб за време на преносот Ливерпул - Челси. Како дојде до тоа?

Филип: Сè почна од Босна. Мора да им симнеме капа на Босанците затоа што идејата за регионални собири беше нивна. Првиот балкански собир Босанците го направија во Сараево на почетокот на 2013-та година кога се гледаше натпреварот Ливерпул - Вест Хем. Иако немаат официјален бренч како нашиот, Босанците се неверојатно добро организирани. На тој собир ние не бевме затоа што уште бевме тазе фан клуб и немаше доволно време и кворум да отпатуваме.

Игор: Истата календарска година, следуваше собир во Зрењанин. Игравме дома против Јунајтед. На тој собир отидовме пет души со една кола. Тргнавме сабајлечки и таму направивме права екскурзија. Во Зрењанин се погоди фестивалот на пивото, така што и тоа ни дојде како „кец на десет“. Зрењанин има добра подлога на навивачи на Ливерпул, но на собирот имаше најмалку луѓе од градот. Масовно дојдоа луѓе од Белград, од Подгорица, од Ниш, од Сараево. Хрватите и Словенците нешто не нè дружат, не знаеме зошто. Традицијата на секој собир е некој да најави следен дочек. Малку „џапнати“ се залетавме и Филип изјави дека следната Ливерпулова дружба ќе биде во Скопје. Во меѓувреме таму ги поделивме благодарниците на сите фан клубови.

Филип: На враќање сфативме што сме направиле и дека ќе треба максимална посветеност за организација на собирот. Кога кажавме овде дека сме се нафатиле за собирот, многу луѓе се понудија да помогнат. Прво требаше да собереме пари и да се најде клуб. Собравме што собравме и изборот падна на МКЦ. На две недели до собирот (Ливерпул - Челси) сè беше договорено со луѓето од МКЦ. Но тогаш излезе првиот проблем, ФА го смени датумот на одигрување (Челси играше ЛШ) а од МКЦ ни кажаа дека на тој датум веќе имаат друг настан. Влеговме во кола и го прошетавме цел град и на крај пивница ни дојде како идеја. Од пивница наидовме на одлична реакција, мора да го пофалиме Пано од пивница, затоа што наместија нови бимови за мечот, дозволија да ставиме знамиња и разни реквизити.

Игор: Организацијата беше супер, затоа што имавме и многу јака медиумска покриеност. Имавме прилог за ТВ Алфа и на некои сајтови, па дури не поздрави и коментаторот на преносот во живо.

Филип: Имаме како ритуал, секое здружение кога прави собир дава некакви награди. Ние организиравме квиз на кој дадовме оригинален дрес од Крег Белами, маици и чаши со логото на нашиот фан клуб и слично. Главната награда ни беше, членарина за следната сезона, но толку многу препивме претходната вечер, што заборавив да ја доделам главната награда. Малку сум разочаран што одредени луѓе нè деградираат кога ќе ни кажат, а што добивам јас за тоа што ќе дадам пари? Излегува како ние тоа да го правиме за личен профит.

Игор: Штета што ја изгубивме титулата на тој натпревар. Сите други коцки се наредија и гостите од Србија, Босна, Косово и Црна Гора беа презадоволни.

Следна дестинација?

Игор: Следната дружба е во Котор, на море во Црна Гора на 26. април против ВБА. Крај на април е и сигурно ќе падне некое „бањаре“. Очекуваме масовно да го испратиме тоа гостување. Верувам дека и на следно одење на Енфилд ќе има многу поголем одзив.

Колку луѓе доаѓаат кога заедно го гледате Ливерпул во кафиќ?

Игор: На почетокот се собиравме многу луѓе. На пример на финалето од Лига купот против Кардиф бевме повеќе од 120 луѓе. Со дел од парите што останаа од регионалниот собир, на луѓето од внатрешноста им покривме карта за назад. На пример тие што дојдоа од Куманово, Велес добија карта за назад. За дербија се собираме по 50-60 луѓе, а во последно време се случува да гледаме и по тројца-четворица. Тоа е затоа што немаме константно место и се бориме да најдеме една иста локација.

Филип: Имавме и едно негативно искуство на локал во Скопје. Ние буквално го наполнивме местото со навивачи, секој викенд се гледаше фудбал. Еднаш дојде момент кога играа Ливерпул - Арсенал, а луѓето од локалот нè сместија на една маса и ни кажаа да станеме бидејќи ќе дојдат други навивачи.

Освен во Скопје, во кој друг град во Македонија има собири?

Игор: Во Битола има масовни собири. Штип има константа цифра, Охрид исто. Едно време имаше мало недоразбирање околу официјалното име на фан клубот, затоа што секој фан клуб кој е официјален бренч се вика според името на градот. Ти нема да најдеш официјален бренч на Грција, туку на Атина, Солун, Кавала и сл. Кај нас имаше проблем што се појави она старо комитско-чкембарско ривалство, но брзо го исчистивме тоа и во моментов сме Macedonian red supportes club. Имаме јака база и во Тетово, во Струмица, во Куманово. Функционираме како национален фан клуб, а не како локален.

Сте имале ли тет-а-тет средба со некој играч?

Филип: Нормално. Се сликавме со Агер, со Шкртел и со Белами. Морам да го нагласам посебно Велшанецот, кој беше исклучително коректен. Кога Македонија играше против Велс, авионот на гостите доцнеше неколку саати, а пред хотелот каде беа сместени веќе имаше луѓе, претежно навивачи на Реал Мадрид поради Герет Бејл. Паѓаа во несвест, а Бејл уште не одигра ниту еден меч за Реал. Во меѓувреме луѓето од обезбедувањето излегоа надвор и ни кажаа дека не може да им се приближиме на фудбалерите, дека биле мртви уморни итн. Кога стигнаа, сите тргнаа кон Бејл, а тој се сврти и ладно си замина.

Игор: Ние за Белами направивме плакета, благодарница од нашиот фан клуб. Му викнавме Беларс, Беларс и кога дојде накај нас, мислеше дека треба да се сликаме со плакетата. Се изненади кога дозна дека сме ја спремиле за него. Се сликавме и поразговаравме со него и најјако беше кога влезе во автобус, на сите им ја покажуваше плакетета што ја добил. Се израдува. Одличен однос имаше и Шкртел, и него му дадовме благодарница. Едноставно знаат како да се однесуваат со фановите, затоа што долги години играаат во голем клуб.

Дружите ли со ривалските фан клубови?

Игор: Да, со тие што ја разбираат целата приказна се дружиме најкоректно. Со фан клбуот на Челси сме гледале заедно, исто и со тие на Арсенал. Најдобро стоиме со Фросе, девојката која важи за енциклопедија на Манчестер Јунајтед.

Ве деморализира ли тоа што Ливерпул со години не ѝ се радувал на титулата?

Филип: Сум верувал со Рафа Бенитез дека ќе освоиме, сум верувал и со Кени Даглиш кој е наш, а верувам и сега со Брендан Роџерс. Не е само мое мислење дека Ливерпул со Роџерс е на прав пат и дека кога тогаш ќе освои титула.

Игор: Од 1996. година го пратам Ливерпул и од тогаш досега три пати бевме близу до титулата. Од Жерар Улие, па до денес со Роџерс верувавме во титулата. Боли кога капитен ќе се лизне на одлучувачка утакмица и екипата ќе прими гол. Но, не барам ниту еден кривец за тоа.

Ведран: Мислам дека лани беа многу запалени за титулата, која што беше на дофат после толку години и на крајот изгореа од желба. Со нерешено ќе завршевме работа, но некако тргнавме на јуриш, на ура и на крај останавме со празни раце.

За крај, што правевте во оние 15 минути на полувремето од легендарното финале од ЛШ во Истанбул против Милан во 2005 година?

Игор: Гледав кај другар од маало што долги години навива за Ливерпул. Во неверување бев и плачев 15 минути. Зошто до тука догуравте и сега губиме 3:0? Особено нервозен бев кога Џерард даде гол за 1-3. Си викав каде бе Џери сега ни даваш лажна надеж да веруваме. Кога го даде Шмицер вториот гол веќе знаев дека нема назад и дека одиме по трофејот.

Филип: Има две интересни ситуации поврзани со финалето. Како што вика Игор, сите бевме во неверување. Во автиобиографската книга на Кара (Џејми Карагер), поранешниот капитен пишува дека кога излегувал од теренот на полувремето правел рекапитулација на првото. Размислувал која екипа го доживеала највисокиот пораз во едно финале на ЛШ и не сакал они да бидат тие што изгубиле најмногу. Втората анегдота е што Луис Гарсија сакал да го шутира пеналот и Чаби Алонсо му рекол тргни се, јас ќе изведам сигурен сум. Исто и случката со Џими Траоре, кој требаше да излезе од игра поради повреда, но немавме право на замени, по што Траоре остана во игра и спаси чист гол на 3-3.

Ведран: Хајлајт од утакмицата не ми се ни трите гола, ни пресвртот, туку одбраната на Дудек после шутот на Шевченко во продолженијата. Таква одбрана на таков меч нема да се повтори. Шевченко на пола метро од гол, му тапка топката да ја залепи во гол, а Дудек паднат рефлексно го брани шутот. Сè останато е историја...

30 март 2015 - 13:30