Де Роси, Наинголан и Салах “не ги обесија“ навивачите на Рома, туку на Лацио

Иако на прва грозната слика до самиот колосеум изгледаше дека е изум на навивачите на Рома како еден вид закана кон своите играчи кои доживееа двоен дебакл во градското дерби, сепак тие не се сторителите.

На мост до колосеумот во Рим се појавија неколку обесени кукли со дресовите на Де Роси, Наинголан и Салах, а ние вчера објавивме дека тоа го сториле навивачите на Рома кои не можат да му простат на својот клуб што го загуби вечното дерби и во првенството и во купот.
 
Сликата асоцира на смрт бидејќи освен обесените кукли на мостот има и порака која гласи "Еден совет без да се навредите....спијте со запалено светло". Зад сето тоа стојат навивачите на Лацио кои морбидниот гест го објаснуваат како еден вид сеир кон Романистите кои трае од финалето во Купот на Италија кое го загубија на 26 мај 2013-та.
„Нема никаква закана спрема ниту еден играч на Рома, гумените кукли се само метафора со која се истакнува депресијата во која се наоѓаат навивачите и играчите од другата страна на Тибар. Се работи за продолжение, а не за крај на едно здраво реметење кое трае во дербито. Поканата за вклучено светло е напишано за да ги спречат кошмарите кои може да им пречат во сон како што се случи на 26 мај 2013-та. Не треба да се извинуваме на никото, иако за некои е невкусно, тоа влегува во правото да се потсмеваме во нашиот фудбалски противник“, стои во соопштението на навивачите на Лацио.
Гестот кој произлегува од едно од најголемите градски фудбалски ривалства во светот го осудија и градоначалникот на Рим и министерот за спорт во Италија. Покрај немилите фотографии се појави и видео со дваесетина навивачи на Лацио кои скандираат против Рома.
6 мај 2017 - 19:04