Необична акција на Фенер: Праќајте смс пораки да го исплатиме Озил

Турските гиганти можат да се пофалат со огромна навивачка армија, па управите на најголемите тамошни клубови бараат од своите симпатизери да помогнат во решавање на драматичната финансиска ситуација со големи долгови.

Најголемата трансфер сага конечно заврши. Месут Озил се збогува со Арсенал и веќе неколку дена тренира со Фенербахче.

На крајот сите се задоволни: Арсенал се избави од проблематичниот Озил кој беше најскапо платен играч во клубот и еден од најплатените во лигата иако со месеци не играше фудбал, а во Турција се среќни што кај нив доаѓа голема ѕвезда.

Но управата на Фенербахче морала да бара чаре како да го финишира трансферот. Клубот има сериозни финансиски проблеми, па претседателот Али Коч им се обратил на навивачите:

„Барам од нашите навивачи да не поддржат понатаму. Ние зависиме од вашата финансиска поддрша. На денот кога ќе објавиме потпишан договор со Озил, срушете го рекордот по број на смс пораки. Очекуваме од 300 до 500.000, можеби дури и милион пораки. Тоа ќе ни помогне“.

Фенербахче повел специјална смс кампања за собирање донации за помош. Навивачите праќаат порака на бројот 1907 (година на основање на Фенербахче) а цената на пораката е 2 евра колку што одат на сметка на клубот. 

Иницијативата со смс пораки била пуштена минатото лето кога прво планирале да го доведат Озил со тие средства, а после отворено признале дека парите се потребни за функционирање на клубот чии долгови тогаш биле 370 милиони евра, а сега се 460 милиони евра.

Навивачите се организирале да го помогнат Фенер.

„Ако клубот собира пари, ние сме должни да го поддржиме“, изјавил Толга Болбуз, навивач на гигантот од Истанбул.

Собирање средства преку смс пораки станува сè попопуларно во турскиот фудбал. Иста акција вовел и Галатасарај чиј претседател рекол дека е трогнат од илјадниците апели на навивачите како можат да го помогнат клубот. На крај им рекле да праќаат пораки со цел клубот да собере пари да ги реструктурира долговите.

Фенербахче минатата сезона заврши 7-ми во лигата па поради тоа решиле пред стартот на оваа сезона да се засилат. Дошле Диего Пероти, Џанер Еркин, Мбвана Самата, Хозе Соса, Папис Сисе, речиси сите како слободни агенти.

Од клубот замина Ведат Муричи за кого Лацио плати 18 милиони евра.

Во Фенербахче се надеваат дека доаѓањето на Озил ќе го освежи и маркетингот, ќе се продаваат повеќе дресови со негово име и други дресови. Некогашниот германски репрезентативец наводно ќе заработува 68.000 фунти неделно или 3,5 милиони евра годишно што е многу за турската лига, но далеку помалку од она што му го даваше Арсенал.

25 јануари 2021 - 12:29