Прекин во Чаир, МЗТ напуштил терен поради физички напад

Во натпревар од 20. коло во Првата македонска лига синоќа меѓу Чаир 2030 и МЗТ Скопје се случи прекин затоа што при резултат 42-44 за гостите, на полувреме биле физички нападнати играчите и тренерите на Аеродромци.

Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром после натпреварот поднел официјална жалба до кошаркарската федерација и соопштение во кое ги опишуваат деталите од големиот инцидент после што не прифатиле да се вратат и да го доиграат мечот.

„За време на полувремето, при напуштање на терен кон соблекувална сите играчи и членови на стручниот штаб беа вербално нападнати од неслужбено лице со закани по физичко здравје. На пат кон соблекувалната физички нападнат беше еден од нашите помошни тренери. Тој беше удрен неколку пати пред да успее да влезе во соблекувалната“, стои во соопштението на шампионот МЗТ Скопје Аеродром.

„Нападот продолжи и откако екипата влезе во соблекувалната. Неколку лица меѓу кои и службени претставници на екипата на Чаир влегуваат во гостинската соблекувална и упатуваат закани кон целиот тим на МЗТ Скопје, на раб на физички напад“, пишуваат „штрковите“.

Сега се чека одлука на раководните лица од Кошаркарската федерација на Македонија односно од Комесарот за натпревари Александар Милојевиќ кој ќе треба да донесе решение.

15 март 2024 - 09:40