Познат е составот на Дрим-тимот за Олимписките Игри

Соединетите Американски Држави се апсолутен фаворит за олимписко злато во кошарка на Игрите во Париз летово. Ако на Светски првенства доаѓаа во шарен состав и си дозволуваа разни срамни порази, Олимписките Игри традиционално ги играат во најсилен можен состав.

Најпознатиот НБА новинар, Адријан Војнаровски соопшти дека кошаркарската репрезентација на САД веќе се комплетирала и се знае составот односно познати се 11 од вкупно 12 кошаркари кои ќе патуваат на ЛОИ во Париз.

Уште претходно речиси сите најголеми ѕвезди од НБА потврдија дека им се игра на Олимписките Игри и дека се спремни да одат кон златото.

Војнаровски открива дека на списокот за сега сигурни се: Стеф Кари, Леброн Џејмс, Кевин Дурент, Џејсон Тејтум, Џоел Ембид, Девин Букер, Дру Холидеј, Тајрис Халибартон, Ентони Едвардс, Ентони Дејвис и Бам Адебајо.

Соединетите Американски Држави се во група со Србија, Јужен Судан и победник од квалификацискиот турнир во Порторико (Италија или Литванија најверојатно).

16 април 2024 - 10:43