Не е готово додека Џими не каже

Мајами Хит ги совлада ЛА Лејкерс со 111:108 и намали на 3-2 во серијата од големото финале. Џими Батлер одигра уште еден неверојатен меч и ја потврди својата класа.

Со 35 поени (11/19 од игра, 1/3 за три поени, 12/12 слободни фрлања), 12 скока, 11 асистенции, 5 украдени топки и 1 блокада, Џими Батлер го трасираше патот на Мајами до нов триумф и ја направи серијата уште понеизвесна.

А сè можеше да биде понаку, особено што во финишот Лејкерс имаа -1 и напад за победа на 16,8 секунди до крајот, ама Мајами се одбрани сјајно и заслужено славеше.

Во тој напад на Лејкерс се одеше преку моќниот Леброн кој уфрли вкупно 40 поени со 13 скока и 7 асистенции. „Кралот“ Џејмс тргна кон противничкиот кош ама како фластер го имаше Батлер кој не му дозволи до крај да ја истера акцијата. Леброн мораше да враќа до Грин кој очајно шутираше, Лејкерс во истиот напад имаа уште една шанса ама промашија и Мајами набрзо ја потврди победата.

Огромна заслуга за триумфот и намалување на 3-2 во серијата имаше и Данкан Робинсон (необичниот лик за кого пишувавме) со 26 поени (7/13 за три поени), Кендрик Нан и Бам Адебајо уфрлија по 14 и 13 поени.

Очекувано, кај Лејкерс покрај Леброн стандардно добар беше и Ентони Дејвис со 28 поени и 12 скока а Калдвел-Поуп уфрли 16.

Впечаток е дека овој дуел го решија слободните фрлања. И двете екипи уфрлија по 14 тројки и по 24 обиди за два поени. Сепак Хит шутираше за нијанса подобро од линијата за слободни (21/22) од Лејкерс (18/21). Game 6 на програмата е во ноќта меѓу недела и понеделник во 01:30 часот после полноќ.