Лејкерс и Леброн фатија залет за Денвер, а привршува ли ерата на Голден Стејт Вориорс?

Во таканаречениот НБА плеј-ин, разигрување меѓу екипите од 7-мо до 10-то место на табелата, Сакраменто Кингс го совлада Голден Стејт Вориорс 118:94 и по трет пат ги остави „воините“ без плејоф во последните пет сезони. Лејкерс се справи со Њу Орлеанс Пеликанс.

Кошаркарите на Сакраменто Кингс одлично ги распоредија поените па така Киган Мареј постигна 32 поени со девет скока, Деарон Фокс постигна 24 поени со шест асистенции, а Харисон Барнс уфрли 17 поени.

Играчот со најмногу трипл-дабл учиноци во текот на регуларниот дел од сезоната, Литванецот Домантас Сабонис имаше одличен учинок со 16 поени, 12 скока и седум асистенции а Кион Елис запиша 15 поени.

Ова беше доволно да се совлада Голден Стејт Вориорс чија доминантна ера по сè изгледа полека завршува.

Кај нив синоќа не беа доволни 22 поени на Стефен Кари, 16 на Џонатан Камавинга со седум скока, 16 на Мозес Муди и по 12 на Ендрју Вигинс и Мозес Грин.

Неверојатно звучуи фактот што Клеј Томпсон синоќа ги промашил СИТЕ 10 шута од игра! Нешто што не му се случило никогаш во кариерата.

Победникот од дуелот на поразените Њу Орлеанс и Сакраменто Кингс ќе има уште една шанса да стигне во плефјот каде ги чека првиот носител Оклахома Сити Тандер. 

ЛЕЈКЕРС Е ВО ОДЛИЧНА ФОРМА, ДЕНВЕР ЌЕ ИМА СЕРИОЗЕН РИВАЛ

ЛА Лејкерс во текот на сезоната неколку пати лесно се справија со Њу Орлеанс Пеликанс а синоќа овие два тима се судрија во разигрување за плејофот.

Лејкерс губеше во еден момент и -10 поени разлика но на почеток на третиот период лесно заминаа на +18 поени разлика и го затворија прашањето за победник на мечот.

Зајон Вилијамсон одигра ѕверска партија со 40 поени, 11 скока и пет асистенции но немаше голема поддршка од соиграчите зошто Брендом Инграм потфрли со „само“ 11 поени и по 4 поени и скока, Треј Марфи III постигна 12 поени со 4 скока а Лери Ненс забележа 10 поени со 12 скка и пет асистенции.

Кај Лејкерс имаше многу порасположени кошаркари па Леброн беше најефикасен со 23 поени и по 9 скока и асистенции, Ентони Дејвис даде голем придонес со 20 поени и 15 скока и покрај тоа што се жалел на болки во грбот. Д’Анџело Расел одново беше на ниво со 21 поен и шест асистенции, Остин Ривс имаше 16 поени со пет скока и шест асистенции а Руи Хачимура забележа 13 поени.

17 април 2024 - 09:55