Кливленд сигурен на патот до финалето

Кошаркарите на Атланта Хокс го загубија и третиот меч во серијата со Кливленд Кавалирс, кој сега го дели еден триумф до големото финале во НБА. 

За разлика од првите две средби, синоќа Атланта пружи поголем отпор, се играа и продолженија, но на крајот Леброн Џејмс беше тој што им пресуди на Јастребите 114-111.

Иако ги промаши првите 10 шута, Џејмс не падна во играта и до крајот од средбата оствари трипл-дабл. Кралот го заврши мечот со неверојатнi 37 поени, 18 скока и 13 асистенции. Претходно, Атланта го имаше последниот напад за победа, но Џеф Тиг се обиде за три поени, промаши и средбата отиде во продолжение.

Покрај Џејмс, голем удел во триумфот на Кавси имаше и Метју Белаведова со 17 поени, колку што постигна и Џеј-Ар Смит. Кај Хокси, Џеф Тиг беше водечки стрелец со 30 поени, а Пол Милсап броеше до 22. Перо Антиќ истрча само 13 секунди на паркетот, без никаков учинок.

Следниот дуел се игра во ноќта меѓу вторник и среда, кога Кливленд ќе се обиде да стави точка на серијата и со убедливи 4-0 да влезе во финалето. Другиот полуфинален пар го сочинуваат Голден Стет и Хјустон, каде Вориорс исто имаат 3-0 и се на пат до пласман во финалето.