Како полицијата му ја скрши ногата на Сефолоша?

По настанот што ја разбрани светската јавност, медиумите во САД го одврзуваат клопчето и откриваат како полицијата вешто сокрила дека нивни припадници тешко го повредиле Сефолоша, за кого сезоната е завршена.

Многу црни мажи и жени во САД кои доживеале физичко насилство од полицијата не се милионери. Немаат адвокати на брз повик и немаат доволно средства да ја обезбедат својата одбрана. Многу мажи и жени не се ниту НБА играчи. Со други зборови, не се Табо Сефолоша.

Крилото на Атланта Хокс ќе го пропушти плејофот, откако по метежот со полицијата во Њујорк, Сефолоша остана со скршена нога и експресно приведување. Во неговиот прв коментар по тепачката во клубот Челси, Сефолоша објасни дека иако неговите адвокати му рекле ништо да не зборува, „тoj чувствува голема болка и дека доживеал сериозна повреда предизвикана од полицијата“.

Приказната, пренесена од медиумите беше дека Табо и Перо Антиќ биле приведени, откако „шест пати“ им било кажано да го напуштат местото каде Крис Коупленд беше избоден. Потоа следуваше полициски извештај, според кој Табо Сефолоша агресивно се залетал кон еден од полицајците, кој бил принуден да се одбрани.

Новинарот Дејв Зирин од Д Нејшн пишува дека отишол на лице место каде што се случила тепачката и дека видел добри 40 метри од местото на бодењето, до местото каде Сефолоша е уапсен. Оттука, Зирин се прашува „како е можно полицијата на тоа растојание на тесната 9. Авенија полна со луѓе, Брза помош и полициски сирени да вика шест пати по двајца луѓе за да се тргнат од местото“? Апсурдно е, тврди Зирин.

Другата верзија, која што ја пренесе СИ (Спортс Илустрејтид) е од сведок кој бил присутен кога се случила тепачката. Тој изјавил дека додека луѓето викале за помош за повредениот Коупленд, еден полицаец се фокусирал на Сефолоша и продолжил да го следи надолу по улицата. Кошаркарот се свртел во еден момент и го прашал полицаецот дали има некој проблем?

Тоа било причина Сефолоша да биде соборен на земја, каде како што се гледа на видеото полицаецот вади некаква палка.

Што делува пореално? Дека Табо Сефолоша се одлучил да турне полицаец кој бил свртен со грб или дека нервозен џандар под адреналин од тоа што се случило со НБА кошаркар одлучил да биде агресивен со друг црн НБА кошаркар?

Новинарот Зирин пишува уште и дека ова не е прв случај на полициска бруталност над црното население и потсетува на случајот кога Крис Вебер беше испрскан со солзавец или пукањето во кошаркарот на Индијана Дел Дејвис.

На Сефолоша останува дали ќе ја искористи репутацијата и ќе покрене сериозна акција против полициското насилство. Колегата на Антиќ би можел да го искористи плејофот и да направи јавна кампања против полициската бруталност. А воедно и добро да заработи од судот во Њујорк.

Видеото на кое се гледа нападот врз Табо Сефолоша:

17 април 2015 - 11:01