Ужасната мундијалска серија на Шпанија после светската титула во Јужна Африка

Во селекцијата на Шпанија нешто не штима. И тоа не е од ова Светско, туку на три по ред. А неприкосновени се со топка. Со Мароко ја подале 1.019 пати со 77% посед на топка. Џабе.

Јоханесбург повеќе не е свеж спомен за навивачите на Шпанија, бидејќи од таа последна и единствена светска титула поминаа 12 години.

Предводени од Висенте дел Боске и со неповторливите Чави, Иниеста, Фабрегас, Бускетс, Чаби Алонсо, Рамос, Пујол, Пике, Давид Виља, Педро, Мата, Торес, Касиљас...Шпанците го кренаа пехарот со голот на Иниеста против Холандија во 116-та минута.

Но од тогаш пловат на брод кој тоне и на кој како да нема капетан. Имаат три неуспешни Светски првенства со три различни селектори: Дел Боске, Фернандо Јеро и Луис Енрике.

Она што во старт боде очи и ептен е изненадува, е што на 11 средби одиграни на СП Бразил, Русија и Катар, имаат победено замислете, само три пати. Противниците се викаат Австралија, Иран и Коста Рика. 3 од 11, загрижувачки.

Како бранители на трофејот на Светското во Бразил имаа катастрофален старт и загубија од Холандија со 5:1, кога Ван Перси го даде оној прочуен гол со глава.

Следуваше нов срамен пораз од Чиле 2:0 и потоа пирова победа над Австралија од 3:0 и пакување куфери.

На следниот Мундијал во Русија одново имаа проблеми. Одиграа 3:3 против Португалија и 2:2 со Мароко, а групната фаза ја поминаа со само една победа над Иран од 1:0.

Во осминафинале беа елиминирани, исто како синоќа. На пенали, ама од Русија.

Катар за нив е третиот шамар од кои ќе мора да извлечат поуки. Тргнаа моќно со 7:0 против Коста Рика и останаа само на тој триумф.

Потоа следуваа реми со Германија 1:1, пораз од Јапонија 2:1 и елиминација од Мароко на пенали. Ниту еден од тројцата изведувачи не успеа да погоди од белата точка.

Во меѓувреме одиграа и две неуспешни европски првенства 2016 и 2020 каде и во двата наврати беа елиминирани во топ 16. Прво од Хрватска на пенали, а лани од Италија со 2:0.

Земјата која пред една деценија беше синоним за доминација со нивната препознатлива тики така игра, која им донесе две европски титули по ред (2008 и 2012) и една светска (2010), е во проблеми.

Оваа статистика повеќе ништо не им вреди.

7 декември 2022 - 12:32