Тричковски се откажа, Кајмакоски ново засилување

Селекторот Бошко Ѓуровски изјави дека не му е јасно како младите играчи така лесно се откажуваат од националниот тим кој за него значи нешто посебно и емотивно.

По Горан Пандев и Николче Новески, македонската фудбалска репрезентација ќе биде послаба и за уште еден стандарден репрезентативец кој се повлекува од националниот дрес. Иван Тричковски му соопштил на селекторот дека поради клупските обврски тој нема да биде во националниот се додека е под договор со новиот клуб Ал Наср од Саудиска Арабија.

Стоперот на Мајнц се повлече од репрезентацијата на 35 години, но Тричковски има само 27. Ѓуровски одговори на прашањето за лесниот начин на кој репрезентативците се откажуваат од националниот тим.

„Кога јас бев играч повикот за репрезентација бил нешто посебно во една играчка кариера и јас не ги разбирам младиве играчи кои лесно се откажуваат од националниот дрес. Да играш за државата е нешто посебно и емотивно. Ќе треба да поразговарате со нив и да ги прашате за причините. Не треба никој да молиме за да игра за репрезентација“, рече Ѓуровски

По гитаристот Влатко Стефановски, фудбалската федерација на Македонија, за промотор на репрезентацијата го назначи и поп пејачот Даниел Кајмакоски кој проговори и за откажувањето на репрезентативците.

„Сакам да им се заблагодарам на ФФМ што токму јас ќе бидам дел од големото фудбалско семејство. Голем љубител сум на спортот и на фудбалот и се радувам како мало дете што имам дрес со број и име.  Фудбалерите ги запознав во Шпанија и мило ми е што ме прифатија пред се како нивни пријател. Мислам дека за репрезентацијата треба да настапуваат само оние што го сакаат тоа“, изјави Кајмакоски.

Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски изјави дека интересната животна приказна и тешкиот пат до успехот на Кајмакоски е тоа што ги обединува со фудбалерите, а тоа ќе биде и нивната цел и мото на овие квалификации.