Тренинзи, молитви, флипери, здрава исхрана, каков е Антонио Конте кога не командува од клупа?

Не добива секој привилегија да ги води Јувентус, Челси и Интер, па уште и да им донесе 8 трофеи. Шампионско портфолио кое тежи и кое тешко го остава мобилниот без повици. Го повикаа назад во Премиер лига, каде Тотенхем му стокми 18 месечен договор и плата од 13 милиони фунти. Абе да не може да одмори човек.

Иако беше поврзуван со Манчестер Јунајтед, каде Солскјер се држи на стаклени нозе, сепак Антонио Конте од денеска и официјално е нов тренер на Тотенхем со договор до 2023-та со можност за продолжува на уште една година.

Летоска ги одби и реши да паузира после шампионската титула со Интер, но овој пат прифати и ќе се обиде да го стабилизира Тотенхем, кој со чуден скор од 5 победи и 5 порази се наоѓа во средниот дел од табелата. Нуно Еспирито Санто издржа само 130 дена.

Со победничкиот менталитет им донесе шампионска титула на Јуве, (вкупно три), Челси и Интер. Познато е дека важи за многу голем темперамент кој не поднесува порази и тоа го гледаме додека урла на клупа, ама не сме знаеле на пример дека од стресот се рехабилитира со флипери и дека Лече го купиле во замена за осум топки од кои три биле издишани.

И покрај тоа што се повлече од фудбалот во 2004-та, како играч на Јуве со кој освои 14 трофеи, сепак Антонио е фит и на 52 години се одржува во форма благодарение на спортот и здравата исхрана.

ТРЕНИНГ

Првото правило му е редовен тренинг со напорна работа. И покрај тоа што него не го чека натпревар, тој не се штеди и напорните тренинзи ги покажува на социјалните мрежи.

Еден од првите беше кога како тренер на Интер сподели видео на кое се поти со велосипед. Потоа следува лента за трчање, алатка која му прави друштво и во лето за време на одморите.

ЗДРАВА ИСХРАНА

На маса е забрането да се претера. Може само понекогаш, како на пример за време на појадокот за да има време да го потроши во текот на денот. Но обично Конте преферира здрава исхрана во која умее да балансира.

Ручекот му е обично лесен со Фризела (тип на италијанско лепче), домати, туна, пршута. Едноставно тој е строг во врска со исхраната и кон своите играчи и смета дека е важен елемент во спречувањето на нивните повреди.

Додека го водеше Интер, со помош на нутриционист знаеше на подобро да ги промени навиките во тимот. Инаку омилено јадење на му е пармиџана од модар патлиџан. Италијанско јадење кое се прави со модар патлиџан, сос од домати, босилек, лук и пармезан.

СЛОБОДНО ВРЕМЕ

Како човек кој е роден и растен во Лече покрај вода, тој често знае да се релаксира на море. На социјалните мрежи сподели уште едно хоби, а тоа е играњето флипери кое го дефинира како антистрес.

Тука е и неговата религиозна страна.

„Одам во црква секогаш на денот на натпреварот. Кога не можам, се молам во текот на неделата, барем 10 минути.

ПИКАНТЕРИИ ОД ДЕТСТВОТО

Антонио кој е оженет со Елизабета, која му ја роди ќерката Виторија, како дете почнал да тренира фудбал во Јувентина Лече, клуб каде газда и тренер бил татко му.

Кариерата ја почна во Лече во 1985-та од каде во 1991-ва направи трансфер во Јуве каде играше до крај.

Лече го купиле за осум топки од кои три биле дупнати, открива тој.

„Ама скапи беа и плус покрај топките, дадоа за мене и дополнителни 200.000 лири“.

Инаку важел за јак ученик кој редел 5-ки во школо, а ако не бил фудбалер, ќе станел професор по физичко, што претставувало уште еден негов сон од детството.

2 ноември 2021 - 15:22