Ти си наш капетан, ние сме твое пристаниште

Хрватска и Франција одиграа 1:1 во 2. коло од Лига на нации, а мечот го одбележа еден прекрасен гест на навивачите, кој може да служи за пример како треба да се третираат легендите и да се крева националната свет.

Зошто националната свест? Затоа што мечот се играше на стадионот на Хајдук, а Модриќ е поранешен играч на Динамо Загреб.

Навивачите покажаа дека кога игра Хрватска, клупското ривалство оди во втор план и цел Пољуд му се поклони на легендарниот плејмејкер, кој стигна до голема јубилејна бројка од 150 репрезентативни настапи.

„Ти си наш капетан, ние сме твое пристаниште“, пишуваше на велелепниот банер посветен на Модриќ, кој доби овации од преку 30.000 гледачи.

Неговото репрезентативно деби се случи на 1 март 2006 на пријателски меч во Базел против Аргентина, кој Хрватска го доби со 3:2. 

16 години подоцна, тој и на 37 годишна возраст уште гордо го носи дресот на Хрватска со која е рекордер според бројот на настапи, пред Дарио Срна кој има 134.

Историска година за него ќе остане 2018-ма, кога на Мундијалот во Русија играше финале токму против Франција која славеше 4:2.

Таа година ги собра најпрестижните индивидуални награди: Златна топка, најдобар играч според ФИФА, најдобар играч според УЕФА, а беше прогласен и за најдобар играч на Светското првенство.

Златко Далиќ синоќа го повлече на околу 10 минути до крај, за да добие аплаузи и овации од преполниот Пољуд, бидејќи неговото збогување со репрезентацијата наскоро е неминовно.

„Феноменално чувство. Среќен сум и горд за јубилејните 150 настапи за Хрватска. Не ја очекував таа бројка. И благодарам на публиката за прекрасната поддршка и за транспарентот, тоа беше за ежење. И Французите ме изненадија, Дешамп ми даде дрес со број 150“, рече Модриќ.

Инаку Франција поведе во 52-та минута со голот на Рабио, а на 8 минути до крај резултатот го израмни Крамариќ.

 

7 јуни 2022 - 08:58