Со 22 првотимци во поход на титули

Манчестер Сити освои пет трофеи за четири години и откако славеше секаде каде што можеше во домашните натпреварувања, годинава ќе атакува на Лигата на шампионите со два тима.

Мануел Пелегрини минатата година инсистираше на систем во кој ќе се вклопат сите 22 играчи, а не само првите 11 затоа што Манчестер Сити има фудбалери кои според квалитетот не треба да ја греат клупата.

На Етихад летово пристигнаа Бразилецот Фернандо од Порто, Бакари Сања како слободен играч од Арсенал, голманот Кабаљеро од Малага, а неделава се очекува да потпише и Мангала, централниот дефанзивец исто така од Порто. Овие играчи уште повеќе ја зголемија и онака пеколната конкуренција.

Џо Харт за место на голот ќе се бори со Аргентинецот Кабаљеро, кој веќе соработуваше со Пелегрини во Малага.

Во одбраната, покрај Пабло Забалета за позицијата десен бек конкурираат уште и Мика Ричардс и Бакари Сања. Од другата страна, Пелегрини за леви бекови ги има Коларов и Гаел Клиши, играчи кои и лани се бореа за стандардно место.

Извесно е дека конкуренцијата е силна и на централните бековски позиции. Тешко е да се каже кој ќе му прави друштво на капитенот Компани, особено ако се знае дека за тоа место конкурираат Настасиќ, Демикелис и веројатно Мангала.

Средниот ред е посебна приказна. Јаја Туре и Силва се сигурни, а свој простор ќе бараат Насри, Фернандо, Навас, Фернандињо, Милнер и Лампард.

И покрај притисоците од УЕФА да внимаваат на финансискиот фер плеј, во Сити немаат намера да се откажат од ниту еден свој напаѓач.

Един Џеко, Алваро Негредо, Серхио Агуеро и сè подобриот Стеван Јоветиќ ќе бидат ударната игла на клубот од Етихад.

Доколку Мануел Пелегрини не ги ротира сите играчи, сигурно ќе има незадоволни во составот каде буквално сите очекуваат првотимски статус.

 

5 август 2014 - 10:45