Смени вера, 11 клубови и ќе заигра во Индија

Кој е при крај со кариерата последниот пар копачки нека го спрема за во Индија каде се ближи стартот на мини лигата. На познатите ветерани Дел Пјеро, Љунберг, Трезеге друштво ќе им прави и Николас Анелка кој нема одиграно натпревар 6 месеци.

За популаризација на новата Супер лига во Индија која е сочинета од само 8 клубови ќе работат повеќе ѕвезди кои се пред пензија, а најновото име кое денеска постигна договор со клубот Мумбаи е поранешниот француски репрезентативец кој не се изнаигра минатата година во Премиер лигата.

Ањелка е еден од фудбалерите кои се изнашета во повеќе европски клубови, а имаше и една авантура во Кина. Голем удел да заигра во новоформираната куса лига која трае од 12 октомври до 20 декември имало собирот на ѕвездите и талентираните играчи од Индија.

Факти за Ањелка:

- Кариерата ја почна во ПСЖ каде играше на два пати, а беше дел и екипите на Арсенал, Реал Мадрид, Ливерпул, Манчестер Сити, Фенербахче, Болтон, Челси, Шангај Шенхуа, Јувентус и ВБА.

- За Франција има одиграно 69 меча, но репрезентативната кариера ја заврши неславно на Светкото првенство 2010 година во Јужна Африка кога по кавгата со селекторот Рајмонд Доменек, беше пратен дома предвреме.

- Со суспензија се соочи и во Реал Мадрид откако одби да тренира, но потоа се врати на терен и ја освои Лигата на шампионите во 2000 година.  

- И покрај неговиот незгоден карактер тој успеа да оствари богата кариера во која постигна над 200 голови на сите натпреварувања и освои трофеи со 6 екипи.

- Пред 10 години одлучи да ја смени верата и да стане Муслиман под името Абдул Сала Билал, а во интервју во 2009 година изјави: Ме држи посмирен и постабилен кога не сум на терен.

- Последниот негов клуб е Вест Бромвич Албион кој не сакаше да му го продолжи договорот.

- Минатата сезона беше суспендиран на 5 меча и плати казна од 80.000 фунти откако по постигнувањето на голот против Вест Хем со раката направи анти-еврејски гест.

15 септември 2014 - 18:02