Словенечки селектор со спартански методи - јавноста во Словенија запрепастена

Не им дава да слават голови, нема спиење во автобус, во хотел вратите да бидат отклучени и ред други работи поради кои младинците на Словенија барале тој да си оди. Ама човекот на 15 меча има само 2 порази.

Репрезентативците на Словенија У-21 пред неколку дена излегле со отворено писмо до фудбалската федерација, во која барале неодложна оставка на селекторот Примож Глиха (селектор од 2015-та). Рекле дека нема ни да играат ни да тренираат додека не се смени контроверзниот селектор.

Фудбалерите биле незадоволни од жестоката спартанска дисциплина која ги чека на секој репрезентативен собир.

Чашата се прелила кога играчите одбиле да ги слушаат најновните барања на селекторот - телефоните да им бидат на нечуен режим и да спијат со отворени врати.

Селекторот Глиха му се јавил на капитенот Јан Млакар и му кажал дека сака сите играчи да ги исклучат мобилните. Тие одбиле па Глих дошол во соба кај капитенот и ги избркал од репрезентацијата Млакар и неговиот цимер Јакоб Новак. Капитенот дури сам морал да го плати ноќевањето во хотелот.

Поради тоа играчите се решиле на бунт. Во отворено писмо до директорот на репрезентацијата, Миран Павлин ги навеле сите жестоки методи на селекторот Примож Глиха:

- Нè навредува лично најчесто без никаква потреба;

- Тренираме без загревање со што се зголемува ризикот од повреди;

- Немаме никаква анализа на противниците;

- Забрането ни е да спиеме во авион или автобус за време на гостувања;

- Забрането ни е да славиме голови;

- Недоволни подготовки пред мечот со Италија

- Пред пријателската со Унгарија (3:3) која почнала во 15:00 часот, ни забрани да ручаме. Во 10:30 ни дадоа само овесни снегулки со јогурт;

- Ни ги зема мобилните телефони кога ќе посака;

- За време на пополадневниот одмор ни брани да гледаме телевизија или да користиме смарт уреди.:

- Забрането ни е да спиеме со заклучени врати;

- Ако вратата е затворена, Глих има резервен клуч од секоја соба со помош на кој може да влезе во соба и да провери дали играчите спијат;

- Воведе забрана за играње карти освен ако не е на пари. Да! Може да се картаме ама само за пари.

Федерацијата отворила истрага, но парадокс е што Словенија У21 игра сосема добро. Дури и повеќе од очекуваното. Во октомври 2019-та година репрезентацијата била втора од 6 екипи, со пораз само од Франција У21. Дури и со ѕвездените Французи на гости одиграле нерешено 1:1.

Словенците У21 станале единствени кои им скинале бодови на Французите во квалификациите. За споредба Франција У21 е за неверојатни 41 пати поскапа по вредност на трансфер маркетот од Словенија У21 (вредноста на Франција У-21 е 448 милиони евра).

Во актуелниот квалификациски циклус за Евро-2021, Словенија не учествува зошто е домаќин на Европското заедно со Унгарија. Но на пријателски средби одиграле 2:2 со Франција У21, 2:2 со Англија У21, 0:0 со Португалија У21. Ги победиле Швајцарија У21 2:1 и Унгарија У21 1:0.

На последните 15 меча Словенците изгубиле само 2 пати од кои еднаш од Италија (1:2).

Селекцијата е составена претежно од фудбалери од скромното домашно првенство. Пред Европското У21 фудбалската федерација има тежок избор. Или да продолжи со успешниот, но ригорозен Примож Глиха или да бара друго чаре.

Глиха решил да не дава изјави за медиумите. Федерацијата веќе имала одвоени разговори со него и со капитенот Млакар, а неофицијално Глиха рекол дека проблемот е само во фудбалерот а не во целата репрезентација. Севкупно досега Глиха ја водел Словенија У21 на 42 меча: Има 16 победи, 10 реми и 16 порази. Во минатото бил тренер на Копер, Мура и НК Горица.