Сите на светско, Тевез во Дизниленд

За еден од најдобрите аргентински напаѓачи нема место летово во репрезентацијата, но затоа тој не планира да го гледа Мундијалот ниту на тв.

Фалкао, Волкот, Валдес, Роси и ред други славни играчи поради тешки повреди ја немаат таа среќа летово да патуваат на Мундијалот во Бразил. Герет Бејл за тоа време си најде доста исплатлива тезга, а Карлос Тевез ќе троши пари во најлудиот забавен парк.

„Не верувам дека ќе ги гледам  натпреварите на Аргентина на тв. Веќе купив карти за во Дизниленд и им ветив на децата и сопругата дека ова лето сигурно ќе ги однесам“, изјави фудбалерот на Јувентус.

Тој оваа сезона игра во топ форма во Серија А и е втор стрелец со 18 голови. Неговиот тим е на прагот да стигне до нова титула во првенството, а во борба за пехар е и во Лигата на Европа каде стана полуфиналист.

Аргентинскиот напаѓач и покрај одличната форма не е дел од националниот тим веќе од 2011 година кога Алехандро Сабела стана селектор.

16 април 2014 - 17:45