Што сè се случи во 107 минутната тензија и драма на Местаља?

Расистички навреди, провокации, тегнење, удирање, црвен картон, ВАР и на крај победа на Валенсија над Реал. Во главна улога Винисиус кој го изеде најдебелиот крај.

Валенсија и Реал Мадрид одиграа долг и многу хаотичен меч кој домаќините го добија со 1:0, со што освоија многу важни 3 бода во битката за опстанок.

Траеше 107 минути бидејќи имаше прекини, а тензиите почнаа откако Винисиус застана со игра, бидејќи беше многу лут поради расистичките навреди од домашните навивачите.

Во еден момент се доближи до трибината и со прст го покажуваше навивачот кој го навредува. Бразилецот мавташе со раката, се објаснуваше и беше повикан на совети кај Анчелоти.

Во втората епизода Винисиус се срчна со играч на Валенсија по што настана гужва меѓу играчите кои се тегнеа, а судијата со помош на ВАР му додели втор жолт на Бразилецот поради удар на противнички играч во лице. 

Испровоциран и нервозен, Винисиус им ја гестикулираше на навивачите на Валенсија втората лига. Во Шпанија има уште три кола до крај, а Валенсија сега е на +5 од опасната зона.

22 мај 2023 - 09:49