Шпанија блокирана од снег, фудбалери туркаа коли, одложено дерби во Мадрид

Олујниот бран Филомена донесе рекордно ниски температури и огромни количини снег во Шпанија, земја која 50-ина години не видела така сурова зима.

Многу Шпанци никогаш не виделе толку многу снег, па излегле на улиците да поуживаат. Некои дури и скијале по централните градски улици. Но во исто време во сите провинции бил објавен црвен  метео аларм за временски неприлики. Голем дел од Шпанците не поседувале ниту зимски гуми за своите возила па останувале заковани на патиштата.

Метеостаницата во Вега де Лиордес, место на 1874 мнв биле измерени -35,8 степени што е рекордно ниска температура во Шпанија.

Зимата влијаеше и на фудбалот. Марка излезе со насловна страна: „Филомена, дај ни да играме“

Прв со проблеми се соочи Реал Мадрид кој едвај полетал кон Памплона каде во саботата играше со Осасуна. Екипата тргнала ден порано од вообичаеното, но поради замрзната писта, играчите и стручниот штаб морале 4 часа да чекаат да полетаат.

Реал Мадрид беше гневен што Ла Лига не го одложила мечот. На крај конечно стигнале во Памплона каде мечот заврши без голови.

Невообичаени услови за Шпанија: 

А во Мадрид вака тече реконструкцијата на „Сантиаго Бернабеу“ под снег:

Во меѓувреме шпанската Лига го одложи дербито на колото меѓу Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао. Авионот со екипата од Баскија летал над мадридскиот аеродром Барахас но не можел да се призејми и се вратил назад за Билбао.

Немало услови за игра ниту на стадионот на Атлетико Мадрид ниту на помошните терени:

Проблем имале и екипите кои патувале со автобус до своите одредници. Олујата го оневозможила патувањето по околу 200 регионални патишта во земјата.

Рајо Ваљекано, на пример, тргнал на меч од Сегунда со Мирандес но не стигнал до крај. Играчите на крај морале да ги туркаат возилата кои дошле да ги вадат од снег.

Ист бил и случајот со мечот Алкоркон и Албасете кој бил префрлен за недела. Албасете едвај тргнал по снег, но автобусот после некое време морал да се врати во Мадрид.  На крај се одиграле сите натпревари во Сегунда, а од Ла Лига беше одложен само мечот Атлетико - Атлетик Билбао.

„5 часа во автобус за да поминеш 20 километри и да се вратиш во безбедно место за преспивање. Глупост која те тера да размислиш дали навистина им е до здравје и безбедност на луѓето или ние сме им само марионети“, пиша 26-годишниот фудбалер на Рајо, Оскар Валентин. 

Веќе од неделата олујата го поминала Пиринејскиот полуостров, но Шпанците уште долго ќе ја паметат оваа рекордна зима за нив.

11 јануари 2021 - 13:06