Првокласна сензација на Ристовски и Адеми со Динамо, урнат Тотенхем после 0-2

Жозе Мурињо речиси и да не памти каде добил ваков фудбалски шамар како вечерва на „Максимир“. Дојдоа Спарси со позитива од 2 гола по триумфот во Лондон, ама Динамо покажа страшна психолошка и физичка снага и го нокаутираше големиот ривал за пласман во историско четвртфинале!

И покрај тоа што браќа Мамиќи добија затворски пресуди (Зоран даде оставка од тренерска функција, Здравко свирка во бегство во БиХ), Динамо Загреб не прекинува да ја импресионира фудбалска Европа.

Минатиот четврток „модрите“ изгубија 2-0 од големиот Тотенхем во Лига Европа, вечерва во реваншот славеа со убедливи 3-0! И одат понатаму.

Македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми беа актери на еден од најголемите натпревари во клупската историја на Динамо Загреб кој вечерва направи првокласна сензација.

Со три гола на 28-годишниот хрватски репрезентативец Милсав Оршиќ, Динамо Загреб ги урна Мурињо (стариот лисец има 3,5 годишен договор кој му истекува на лето во 2023-та година и ако Спарс решат да го отпуштат предвреме и раскинат договорот ќе мораат да платат оштета од астрономски 40 милиони евра!) и Тотенхем.

Оршиќ стрелаше прецизно во 62' и 83' минута за надомест на негативата од 2-0 во Лондон. Со вкупен резултат 2-2 Динамо на својот „Максимир“ се избори за продолженија во кои имаше повеќе од играта и заслужено зголеми на 3-0!

Стефан Ристовски играше 90 минути кога беше заменет од словенечкиот репрезентативец Петар Стојановиќ, а Аријан Адеми 118 минути буквално го изора теренот и истрча најмногу од сите во својот тим до моментот кога Периќ го замени.

18 март 2021 - 21:16