Руско-украинска лига ќе стартува од 2014

Идејата за екс-Ју лига постои уште од распаѓањето на Југославија, но никако да се мрдне од мртва точка, додека пак Русите и Украинците за неколку месеци постигнаа начелен договор, а првиот човек на Гаспром веќе го најави и почеток на обединетата лига во 2014-та година.

На нашите простори фудбалските клубови со години само разговараат за некакво обединување и формирање на регионална фудбалска лига, но фудбалот и натаму си тоне.

На некои други простори, се превземаат и конкретни чекори. Првиот човек на најмоќната компанија во Русија, Алексеј Милер минатата година доби идеја за заедничка фудбалска лига со Украина и по неколку месеци веќе говори и за конкретни термини.

Неодамна во седиштето на компанијата се одржал состанок на 15 фудбалски клубови од Русија и Украина. Челниците на Гаспром ветиле награден фонд од 1 милијарда евра, а секој клуб само за учеството ќе добијат по 10 милиони евра.

Компанијата Гаспром инаку е спонзор на Лигата на шампиони и освен фудбалскиот клуб Зенит, има клубови и уште во 5 други држави во Европа.

Единствен проблем може да претставува дозволата од УЕФА, но се очекува европската куќа на фудбалот да и прогледа низ прсти на лигата со која делат заеднички спонзор.

Првиот човек на Гаспром најави дека реални се нивните очекувања дека лигата ќе стартува на есен во 2014-та година, но доколку не стигнат на време, лигата ќе стартува на есен во 2015-та и ќе заврши во пролет во 2016-та година.

19 февруари 2013 - 15:03