Роналдо им се извини на мајките за фризот од Мундијалот 2002

Не го открива берберот кој бил принуден да го унакази, ниту пак кажува дали можеби сам го извршил тоа сквернавење на косата, ама барем ја кажува вистината дека тоа било ужасно.

Ех колку легендарно Светско првенство беше тоа во Јапонија и Јужна Кореја од кое замислете догодина ќе минат точно 20 години. Ќе го паметиме по повеќе нешта.

Како на пример тоа што Турција и Јужна Кореја стасаа до сензационален пласман во полуфинале, а потоа и двете селекции загубија 1:0, првите од Бразил, вторите од Германија.

Корејците како домаќини во нокаут фаза ги елиминираа Италија и Шпанија, а Гатузо ќе го тепаше судијата после оној судиски грабеж кој го доживеаа во осминафинале и кој не можеа со години да го прежалат.

Но да се вратиме на главната тема и незаборавните спомени од тој турнир, а тоа е Роналдо кој стана стрелец број 1 со 8 гола и му ја донесе на Бразил петтата светска титула. Фризурата му беше катастрофална, смешна и несериозна, ама затоа даде два гола во финале за победа од 2:0.

Имало и многу други фудбалери кои знаеле да ја утнат, ама никој како него. Во интервју за магазинот „Спортс илустрејтед“, тој се навраќа на моментот и им се извинува на сите мајки кои морале да ги гледаат своите деца со иста фризура како нивниот идол.

„Тоа беше ужасно. Им се извинувам на сите мајки кои гледаа како своите деца се шишаат како мене“.

Инаку во одлуката на Роналдо да направи таква смејурија имало позадина. Пред полуфиналето против Турција тој имал болки во мускулот, проблем кој решил да го сокрие со свртување на вниманињто.

„Се ишишав и ги прашав соиграчите дали им се допаѓа, а тие ми одговорија: Не, ужасно е, ишишај го и тоа. Но новинарите ја гледаа мојата фризура и заборавија на повредата“, објаснува легендарниот напаѓач.

Сурфавме да видиме кој се заебал и се пофалил на интернет дека е како Роналдо, ама после првата фотка ни стана непријатно.

30 март 2021 - 14:03