Ренесансата во Сан Себастијан

Клубот кој пред три години играше во втората лига и беше на работ на пропаѓање, со помош на навивачите и со 17 фудбалери израснати во нивната младинска академија по 10 години пауза се избори за пласман во Лигата на шампиони.

Прашањето за шампионот во Шпанија беше одамна решено, но возбудувањата не завршија до самиот крај на шпанската Примера. Во последното коло беше одлучено кој ќе игра во Лигата на шампиони, а кои три клубови ќе испадната од лигата.

Во луда завршница, од лигата испаднаа Сарагоса, Депортиво и Мајорка, а опстанок избори Селта, додека Реал Сосиедад славеше на гостувањето кај Депортиво и го искористи поразот на Валенсија и се пласираше во квалификациите за Лигата на шампиони.

„Сино-белите" од Сан Себастијан оваа сезона импресионираа совладувајќи ја Барселона, останаа непоразени против Реал Мадрид и триумфираа на гостувањето кај Атлетико Мадрид. И сето тоа им успеа со скромен буџет.

Реал Сосиедад на располагање има буџет од 40 милиони евра што во споредба со 500-те милиони на Реал Мадрид е ситница. Од овие 40 милиони, дури 5 милиони годишно одат за Зубиета - тренинг центарот и младинската академија која се покажа како клучна во изминатите години.

Кога Реал Сосиедад испадна во втората лига и клубот влезе во тешка финансиска криза, тие мораа да го менуваат начинот на функционирање и се насочија кон својата младинска академија.

По неколку години работа, новата тактика ги даде резултатите. Дури 17 фудбалери од првиот тим на Реал Сосиедад поминале низ нивната младинска школа, а само за тројца играчи (Кастро, Браво и Вела) клубот има платено пари.

Но најважно од се е тоа што и во најтешките денови клубот ја имаше поддршката од своите навивачи. Дури и во третата сезона во втората лига тие имаа продадено 19.000 сезонски билети. Клубот и фудбалерите знаеа им се заблагодарија за поддршката на тој начин што минатата година кога Реал Сосиедад немаше спонзор, на предната страна на нивните дресови ги напишаа имињата на 22 среќни навивачи избрани по случаен избор од базата на регистрирани навивачи.

3 јуни 2013 - 10:46