ПСЖ убедливо до прво историско финале во Лига на шампиони

Во дуел меѓу учителот и ученикот (Тухел на времето го тренирал Нагелсман во Аугзбург), поискусниот убедливо ја однесе победата и заслужено ќе игра со својот ПСЖ во финалето на ЛШ.

ЛАЈПЦИГ - ПСЖ 0:3 (0:2)
/Маркињос 13', Ди Марија 42', Бернат 56'/

На стадионот „Луж“ во Лисабон, Пари Сен Жермен одигра фантастичен фудбал и првпат во својата 50-годишна историја се пласираше во големото финале на Лига на шампиони. Таму на 23. август ќе го чека подобриот од второто полуфинале Баерн Минхен - Лион.

За доминацијата на шампионот на Франција говори и статистиката: 55% посед на топка наспроти 45% на Лајпциг, 14 шута од кои 9 во рамки на голот и повеќе пасови (642-470).

Интересно, дури 20 од 25 гола на ПСЖ во ова издание на ЛШ сезонава биле дело на тројката Нејмар-Мбапе-Ди Марија иако ниту Бразилецот ниту Французинот не дадоа ниеден од 5-те гола на ПСЖ во плејофот.

ПСЖ има едно европско финале, но во Купот на Куп победници во 1996 година кога со 1:0 го победија Рапид.

18 август 2020 - 22:58