Помош од 230.000 евра за деца болни од рак на холандски начин

Додека ние уште се бориме како да спречиме фудбал со циркузантски пенали и непостоечки голови и абер немаме еден ВАР да имплементираме, европскиот фудбал ни бега 100 години. Не само по квалитет, туку и со манирите.

Еве не земаме за пример гиганти како Реал или Баерн, туку просечна екипа како Херенвен која никогаш не била шампион во Холандија и покрај тоа што постои еден век. Ама затоа викендов направија шампионски потег.

Празниот стадион го наполнија со 15.000 мечиња за да соберат пари за Кика, добротворна организација за истражување на рак кај децата.

Клубот ја објави иницијативата во петокот во пресрет на саботниот натпревар против Емен, кој се одржа зад затворени врати поради органичувањата на Ковид 19.

Навивачите веднаш се мобилизираа на социјалните мрежи и знаете што се случи? Мечињата беа распродадени во рок од 24 часа.

Херенвен соработува со добротворната организација и фармацевтска компанија за да ги охрабри навивачите да купат плишано мечо и да ја подигнат свеста за децата со рак во Холандија.

Но очигледно дека на тој нивни менталитет не треба никој да им подигнува свест, затоа што за само еден ден придонесоа со 230.000 евра. Оние што не биле во можност да купат, кампањата можат да ја поддржат со нарачка.

Инаку сите мечиња беа облечени со дресови на Херенвен за мечот кој домаќинте го добија со 4:0.

Холандското првенство стартуваше минатиот месец со ограничен број на навивачи, но оваа средба меѓу Херенвен и Емен се одигра без гледачи по промената на упатставата за коноравирусот.

27 октомври 2020 - 13:09