По пола златна копачка за Роналдо и Суарез?

Англиската Премиер лига заврши, а до крајот на шпанската Примера има уште едно коло, со што Роналдо може да го премине Суарез на листата на најдобри стрелци во Европа. Но што ако Роналдо не постигне гол?

Организацијата на европските спортски медиуми која стои зад наградата „Златна копачка", сè уште нема донесено одлука во врска со доделувањето на признанието за најдобар стрелец доколку двајца фудбалери имаат ист број на погодоци. Постојат големи шанси баш тоа да се случи оваа сезона, па дури може и тројца фудбалери да ја делат првата позиција.

Во моментов првата позиција ја делат Кристијано Роналдо и Луис Суарез со по 31 гол, но сè уште не се знае дали доколку Португалецот остане на оваа бројка, тие ќе ја поделат наградата.

Роналдо има одиграно три натпревари или вкупно 309 минути помалку од Суарез. Тоа значи дека Кристијано Роналдо постигнувал по 1,03 голови на натпревар, а Луис Суарез по 0,93.

Признанието кое во 1991-та година го освои Дарко Панчев, дури може да замине и во рацете на Лионел Меси кој до сега има постигнато 28 голови и ќе се израмни со Роналдо и Суарез со евентуален хет-трик против Атлетико Мадрид.

15 мај 2014 - 11:48