Падна најголемиот договор за ТВ права во историјата на Премиер лигата

Англискиот прволигашки фудбал по кој знае кој пат го потврдува статусот на најскапа лига во светот, за која ако сакате да ги имате ексклузивните права, треба да имате скоро 2 милијарди евра за една сезона.

Премиер лигата склучи нов рекорден договор за своите домашни канали Скај и ТНТ вреден 6,7 милијарди фунти или 7,8 милијарди евра.

Со него двете телевизии ќе можат да пренесат во живо до 270 натпревари по сезона, како и да прикажат хајлајтси.

Ова е најскап договор во историјата на спортските медиуми некогаш направен во Велика Британија и опфаќа четири сезони почнувајќи од 2025/2026.

Актуелниот договор од 5 милијарди фунти беше за три сезони и истекува на крајот од сезоната 2024/2025, а беше продолжен поради пандемијата.

Со новиот договор Скај ќе врши пренос на минимум 215 натпревари во сезона во сабота, недела, како и вечерни во понеделник, петок и три кола преку недела. ТНТ ќе има право на минимум 52.

Скај Спорт ќе ги пренесува и сите 10 натпревари во последното коло од секоја сезона.

Амазон, кој прикажува 20 натпревари по сезона според сегашниот договор на лигата, не ги обезбеди правата во новиот договор.

Од Премиер лигата велат дека новиот договор, кој е една година подолг е со зголемување од 4% на вредноста во споредба со претходниот и ќе обезбеди финансиска сигурност за клубовите најмалку до 2029-та година.

5 декември 2023 - 09:05