Офсајд лик: Кингсли Коман

Кога читаш вести за фудбал од кај нас и од една Германија, сфаќаш дека тоа се две различни галаксии. Во Македонија навивачи собраа 50.000 евра за да го одржат на апарати нашиот најтрофеен клуб, а таму толку чини пари за казна. Каква? Ептен банална.

Кингсли Коман е нашиот најнов Офсајд лик, рубрика која малку ја запоставивме, а не дека нема работа за таму.

Крилото на Баерн Минхен ја доби една од најчудните казни која не може ни да претпостави човек дека воопшто постои во фудбалот, па уште е и толку висока.

Се појавил на тренинг со погрешна кола. Што значи тоа погрешна кола?

Фудбалерите на Баерн Минхен се обврзани да доаѓаат на тренинг и на натпревари со автомобилите од спонзорот, а Коман тоа го прекршил. Нивен спонзор е АУДИ, а тој се појавил со Мерцедес.

Во јануари минатата година спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ им соопштил на играчите дека наместо со своите луксузни возила, тие ќе мора на секој тренинг да доаѓаат со оние од АУДИ или Фолксваген групацијата. Тој што нема да го почитува правилото ќе биде казнет со 50.000 евра.

Ете до каде одат Германците со своите правила. Коман се извини.

„Би сакал да му се извинам на клубот, но и на АУДИ што не дојдов на тренинг во своето службено возило. Причина е што ми е оштетен еден од ретровизорите. Но сметам дека направив грешка, ќе ја посетам фабриката на АУДИ во Инголштад во знак на извинување и ќе им поделам автограми на вработените“.

Инаку АУДИ е долгогодишен акционер во Баерн кој поседува 8,33% од клубот и како спонзор дава 50 милиони евра годишно.

Приказна за фудбалскиот пат на Кингсли Коман

16 март 2021 - 11:39