Новото офсајд правило ќе биде мелем за напаѓачите и гледачите, а проблем за дефанзивците

Арсен Венгер е човекот заслужен за револуцијата која веројатно ќе следи во најспецифичното фудбалско правило поради кое се случуваат еден куп прекини. Спремете се за дожд од голови. Ќе биде јако.

Офсајдот со прстите од копачките, лакт, колено, нос, веѓа или поточно со секој дел од телото, се спрема терен да биде испратен во историјата.

ФИФА крчка ново правило кое наскоро се очекува да се имплементира и да го освежи фудбалот, како и драстично да ја поедностави границата за тоа што е офсајд.

Предлогот за оваа промена е идеја на легендарниот стратег на Арсенал, Арсен Венгер, кој во последниве четири години работи како шеф за глобален фудбалски развој во ФИФА.

Новото правило е кратко и многу јасно. Нема да подразбира играчот да штрчи пред последниот дефанзивец со било кој дел од телото, туку за да има офсајд треба да биде понапред СО ЦЕЛО ТЕЛО.

Тоа значи дека примерот на фотографијата нема да се суди како офсајд.

Во пракса тоа би значело предност за напаѓачите кои нема да треба да се оптоваруваат дали со некој дел од телото се понапред од својот чувар за еден сантименар, два или пет.

Како и многу повеќе голови, бидејќи огромен број се поништуваат поради ситни офсајди. За дефанзивците ова би било нов голем предизвик во однос на проценката во одбрана.

ФИФА на овој начин ќе го олесни разбирањето на правилото на една од најголемите табу теми во фудбалот засновани на различни толкувања од различни федерации и официјални лица.

Со воведувањето на ВАР, правилото за офсајд или она што се смета за офсајд, има бројни интерпретации со поништитени голем број на голови кои човечкото око не може да ги забележи.

Тоа се усоврши со неодамна воведената полуавтоматска офсајд технологија која им помогна на судиите да укинат бројни голови за најмала разлика. Тоа го гледавме и на Мундијалот во Катар.

„Најтешкото проблематично прашање што го имаат луѓето со ВАР е правилото за офсајд. Има офсајди за дел од сантиметар, буквално за нос. Време е ова да се поправи брзо. Има простор да се смени ова правило и да не се каже дека дел од носот на играчот е офсајд“, изјави Венгер во 2020-та година.

Навивачите се презадоволни ако се суди по реакциите на социјалните мрежи.

„Офсајд е ужасно правило. Уништува толку многу потенцијални возбудливи претстави. Ова би била одлична промена на правилото, повеќе голови, повеќе возбуда“.

„Ова има потенцијал да го отвори резултатот малку повеќе, како и да ги елиминира најконтроверзните офсајд ситуации“.

Има и мајтапи.

„Вратете ги Тимо Вернер и Алваро Мората и ќе имаме титула“.

Ова ново правило ќе биде официјално спроведено по одобрение на ФИФА и Меѓународниот одбор на фудбалската асоцијација (ИФАБ).

Тестирањата се веќе договорени на младински натпревари во Италија, Холандија и Шведска.

3 јули 2023 - 12:54