Нерѓосувачкиот Џиџи Буфон

Медиумите веќе не знаат како да го опишат, а Газета излезе токму со насловот кој го читате „Нерѓосувачкиот Џиџи“. Синоќа против Спал се појави со капитенската лента, денеска му е роденден, полни 43 години и постојат реални шанси да стане најдолговечен во историјата на италијанскиот фудбал.

Фудбалскиот живот на Џиџи Буфон се споредува со терминот „вечна младост“. Не затоа што Супер Џиџи се чувствува како Петар Пан, туку бидејќи никогаш не престана да го живее со душа на едно дете.

Тој фудбалски живот го одржува и не престанува да изненадува и да чуди на било која возраст. 2021-ва е негова 27-ма година, секогаш на високо ниво и речиси секогаш во Серија А, освен една во Б и една во Лига 1.

Синоќа застана на своето старо место против Спал, како капитен меѓу стативите среде многу млади играчи, за да го предводи бродот Јувентус до безбедното пристаниште во полуфиналето од Купот на Италија.

На тој начин стана втор најстар италијански голман. Само Марко Балота е пред него кој беше стартер на мечот Џенова – Лацио со 44 години, 1 месец и 8 дена. Приматот не му е сигурен, затоа што Буфон не изгледа подготвен да го изговори зборот „крај“.

Има договор со Јувентус до јуни, но ништо не укажува на тоа дека тогаш ќе престане и дека нема да го продолжи на уште 12 месеци, како што направи минатата пролет.

Првиот пат Буфон го изговори зборот „пензија“ во 2017-та со намера да се повлече по Мундијалот во Русија. Но сега не ме прашувајте секои три дена за тоа, им рече на новинарите.

Три и пол години подоцна сè уште не се решава да го одбере моментот и денот, кој секој фудбалер би посакал да не дојде никогаш. На крајот на краиштата тој сака да ги потсети и своите пријатели и да им покаже дека 40 годишниците не треба да бидат отфрлени, туку ценети.

Вистината е дека Супер Џиџи се чувствува премногу добро за да ги соблече своите сакани ракавици.

„Кога ќе се почувствувам како товар, ќе се збогувам со сите и ќе почнам да работам нешто друго“, велеше тој.

Но тој ден изгледа далечен ако се суди според неговите настапи сезонава: 6 во Серија А, 4 во ЛШ и 1 во Куп од кои 3 меча без примен гол или вкупно 4 примени гола.

Буфон беше клучен два пати во дуел со Кучка на мечот против Парма кој го добија со 4:0, а во единствениот настап во ЛШ имаше неколку убави одбрани против Меси.

Кога е потребно, дечкото со број 77 е тука и овој негов втор живот, помалку исцрпувачки, но подеднакво стимулирачки, дополнително ја продолжи неговата кариера.

Џиџи има способност да создаде емпатија со своите соиграчи и нема тренер на Јувентус кој не го сметал за клучна фигура за атмосфера во соблекувалната. Дури и со Сари, кој не беше премногу обожуван тренер од другите играчи, имаше изградено цврста и директна врска.

Со поранешниот соиграч Пирло има целосна хармонија, исто како и со Шчесни, првиот што го благослови неговото враќање во Торино.

Гласот на Буфон се слуша секогаш и кога е на терен и кога е на клупа и не може да издржи да не ги бодри своите. Тој е секогаш тука за младите, иако некогаш му прават да го загуби трпението, како што се случи на Парма – Јуве, кога камерите му фатија реакција на лицето упатена кон Портанова од У-23.

Џиџи Буфон направи трансфер во Јувентус во 2001-ва и после 20 години и 20 трофеи сè уште се чувствува исполнет. Пријателството со Андреа Ањели му е солидно и старо и за продолжување на договорот нема да има потреба од многу разговори.

Останува на Џиџи на крајот на сезоната да го каже последниот збор кој во моментот е „продолжувам“. Му треба уште една сезона да го победи рекордот на Балота и да стане број 1 и во таа категорија.

Виа

28 јануари 2021 - 14:17