Нека гледа Европа со каква статистика стартуваше Несторовски во Италија

Оставете ги настрана Меси, Роналдо, Нејмар, Ибра, Левандовски и компанија. Имиња за кои нема место во друштвото на нашиот Илија, бидејќи статистичарите извадија податок до кој тие не можат да стигнат во моментов, а ние се гордееме.

Да не беше францускиот напаѓач Антони Модесте во топ форма, сега ќе пишувавме текст за неверување. Но ова е далеку од лошо или поточно е едно огромно изненадување поврзано со македонскиот напаѓач.

Опта излезе со извонредна статистика на тема кои се петмината најпрецизни стрелци во топ 5 лигите во Европа според процентот на реализација. Значи внимавајте не во Серија А, туку во Европа и во оваа топ листа на второ место се најде Илија Несторовски.

Со 67% реализација напаѓачот на Палермо е втор стрелец во конкуренција на цела плејада на напаѓачи кои заработуваат милиони во Премиер лига, Бундеслига, Ла Лига, Серија А и Лига 1.

Позицијата ја дели со Џермејн Дефо од Сандерленд, трет е Мауро Икарди од Интер, а листата на петмина играчи ја заокружува Мевлут Ердинк од Мец. Инаку Модесте е прв со 11 гола од вкупно 16 на Келн.

Палермо има ужасно лош старт во Серија А и само една победа по 12 минати кола, а единствената светла точка е Иле кој постигна 6 од вкупно 9 гола на тимот.

„Бев приземјен кога дојдов и приземјен сум сега кога вредам повеќе. Парите не можат никогаш да ме променат“, напиша Несторовски на својот Фејсбук профил по што неговите фанови не штедеа зборови и го нарекоа феномен, бомбардер...

Италијанците му предвидуваат блескава иднина и ја истакнуваат и неговата феноменална реализација од 69 голови на 90 настапи за Интер Запрешиќ во хрватското првенство.

Уживајте во неговите голови за Палермо

16 ноември 2016 - 12:26